Министерот Филипче го нема, а го нема и потпретседателот на СДСМ

Венко Филипче како камен околу врат за рејтингот на СДСМ. По поразот во првиот круг од изборите, потпретседателот на СДСМ речиси го снема од митинзите на владејачката партија каде беше редовен декор во кампањата пред првиот изборен процес. Министерот Филипче пак, како да е заминат во илегала. Последен пат свое обраќање имаше на 23 октомври, на националната конференција за рак на дојка, а не е многу активен ниту на социјалните мрежи – ако се суди според неговата последна објава пред четири дена, кога се појави во болницата во Охрид, но таму не даваше изјава за медиуми. Додека се чека целосниот извештај за пожарот во Тетово, додека бројките и смртноста од Ковид-19 растат, а мерките се олабавуваат, јавноста чека одговори од Венко Филипче.  Се поставува дилемата, дали справувањето на Филипче со проблемите во здравството, игра улога тој одреден период да остане на клупата за резерви кога е во прашање политичкиот живот?

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски, смета дека во вториот круг од локалните избори најголем дел од комуникацијата ја преземаат лидерите и кандидатите за градоначалници.

Фокус на СДСМ во однос на здравството  е токму справувањето со пандемијата, можеби тоа влијае, но сепак останувам на мислењето, во двете партии најголемиот дел од комуникацијата ја преземаат партиските лидери и кандидатите, и мислам дека тоа е причина за отсуството на другите членови, а не други случувања, кои можеби постојат а ние не ги знаеме – вели Петар Арсовски.

Во првиот круг од изборите Филипче беше еден од поактивните членови на СДСМ, држеше говори на митинзи, имаше средби со граѓани, и ги фалеше кандидатите за градоначалници на неговата партија. Од министерството за здравство велат дека министерот секојдневно ги извршувал своите обврски, и секогаш бил достапен за јавноста и пациентите.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста