Министерот Агим Нухиу потпиша- ќе носат ли македонските полицајци двојазични униформи?!

На денот кога се одбележуваат 19 години од масакрот кај Љуботенските бачила, каде животот го загубија осум македонски бранители во 2001 година, министерот за внатрешни работи Агим Нухиу се пофали дека полицајците ќе носеле двојазични униформи. Тој на својот Фејсбук профил објави дека ги потпишал подзаконските акти за воведување на полициски униформи, на кои ќе биде испишан и албанскиот јазик на симболите.

-Потпишавме нормативни акти за амблеми на полициските униформи на албански јазик (Сообраќајна полиција, гранична полиција, хеликоптерска полиција, одделенијата за специјални задачи…)!, напиша на Фејсбук Нухиу.

Од МВР преку официјално соопштение го надополнуваат Нихиу, велат дека тој потпишал акти кои треба да се испратат до Владата, која треба да ја потпише уредбата со што полицијата би добила двојазични униформи.

-Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за униформата и ознаките на униформата на Полицијата ја носи Владата на Република Северна Македонија, а по нејзиното донесување се носи Правилникот   за изменување и дополнување на Правилникот за носењето, времето на траење и распределбата на униформата и ознаките на униформата од страна на министерот за внатрешни работи, велат од МВР.

Доколку македонските полицајци ги заменат сегашните со двојазични униформи, тоа ќе биде уште еден погазен збор од страна на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Тој во 2017-та година ги убедуваше граѓаните, дека униформите на полицајците и војниците во Македонија, ќе останат само на македонски јазик.

-Уставните експерти кои што исто така ги консултиравме се на ставот дека и прашањето на униформите го третира Уставот. Основен принцип во полицијата и армијата е единственост на униформата, која што значи и стандардизирана облека. Од таму со оглед на тоа што пости единствен состав на полицијата и на Армијата на Република Македонија, правењето разлики во униформите не е во согласност со уставните определби, изјави Заев во 2017-та година.

Реагираа и од Владата, од таму велат дека униформите и ознаките на униформите на полицијата се дефинираат со уредба која ја носи Владата, а министрите немале надлежност да носат уредби. Од Владата велат ќе побарале објаснување од Нухиу за неговата објава на Фејсбук.

Се поставува прашањето дали униформите стануваат нов услов, кој ДУИ го испраќа за формирање владино мнозинство, со оглед на тоа што Агим Нухиу е кадар на Интегративците.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста