Министерката Царовска и Владата не се откажуваат од контроверзниот предлог за дигитализацијата на учебниците

Власта си игра топло-ладно со дигитализацијата на учебницте. И покрај повлекувањето на Законот од собраниска процедура, пак ќе биде предмет на Јавна дебата. Родителите од Иницијативата „Учебници и настава мора да има“ најавија протести и бојкот на наставата во новата учебна година.

„Ако не не вклучат во јавната дебата, ако експертите не бидат вклучени во одлучувањето за дигитализацијата, од 15 август ќе настапиме со поригорозни мерки, ќе протестираме пред МОН, а од септмври учениците нема да одат во училиште – вели Драгана Спасевска од „Учебници и настава мора да има“.

Министерката за образование Мила Царовска тврди дека реформите во образованието ќе се спроведат, а министерството и Владата продолжиле со подготовка на дигиталните материјали за учење. Иако од минатата недела предлог законските измени за Законот за учебници не се во Собрание, дигитализацијата ќе се спроведува на сила. Министерката посочи дека Владата и Министерството не отстапуваат од новиот закон за учебници и дека, и покрај тоа што беше слушната експертската јавност, уште еднаш ќе биде ставен на јавна дебата.

Ние ќе продолжиме со имплементација на реформите. Светот се менува толку брзо што учебниците брзо застаруваат, затоа не е прашање дали ние сакаме или не дигитални учебници, туку дека мораме да ги воведеме затоа што тие ќе понудат поинаков пристап во учењето, од печатените учебници кои се со многу лош квалитет и со една илустрација на лекциите –изјави Мила Царовска.

Измените во Законот за учебници кои предвидуваат учениците да учат од таблет или лаптоп предизвикаа многу остри реакции и контроверзи во јавноста. Експертите алармираа за сомнежи дека со дигитализацијата всушност ќе се спроведува промена на наставните содржини согласно барањата на Грција и Бугарија.

Родителите и учениците протестираа, бараа Референдум и ја бојкотираа наставата, но до сега, ништо од таа борба не вроди со плод.

Адријана Алексиеска

Advertisements