Минималецот расте недостоинствено, Битиќи вели не бил моментот за тоа

Незначителното зголемување на минималната плата од едвај 240 денари ги налути синдикатите. Минималецот од април  ќе изнесува 15.194 денари. Вака одлучи економско социјалниот совет, на чија седница, претставниците на владата и работодавачите со 8 наспроти 4 гласа ги надгласаа синдикатите. Жестоко реагираа од Конфедерацијата на слободни синдикати. Откако на една од претходните седници беа избркани, вчера и официјално не беше прифатено барањето на сидикатите падот на БДП да не влезе во пресметката на минималецот, во услови на ковид криза кога само за лекување месечно се трошат 6. илјади денари по работник.

За вицепремиерот Фатмир Битиќи во одлуката за пораст на минималецот од само 1,7% нема ништо спорно. Во законот јасно стоело дека БДП мора да влезе во пресметката, без разлика дали има раст или пад. Ветува дека Владата ќе го исполни предизборното ветување за минималец од 18 илјади денари, но тоа ќе се случело кога економијата ќе застанела на нозе.

Остро реагираа и од Сојузот на синдикати на Македонија. Тие негодуваат поради незаначителниот пораст на минималецот, но и поради одлуката трговските центри да работат во недела од 10 до 18 часот. Откако Владата соопшти дека работниците во моловите кои ќе работат во недела ќе земат за 100% поголема дневница, од ССМ велат дека висината на додатокот и слободните денови потоа треба да се уредат за сите работници. По 6 месеци преговори, сметаат дека добиле само идеи, но не и јасни одредби на хартија, што ја отвора вратата за злоупотреби на работничките права од страна на газдите на фирмите.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста