Милошоски: Одложувањето на пописот е само еден чекор, со кој се овозможува на надлежните институции да бидат подинамични во она што го пропуштија, а тоа е масовна имунизација

„Тоа што е до нас како опозиција ние ќе продолжиме да имаме активизам во таа насока. Но, сепак сакам да потенцирам дека конечните одлуки ќе зависат од тоа дали владејачкото мнозинство има доволно прагматизам и разумност, она што го предлагаме да го прифати како аргументирано тврдење за подобра операција која што на сите ќе ни даде доверба дека е веродостојна и од здравствен и од методолошки и од пописен карактер. Овој чекор прв што го направија прифаќање поместување на календарот цениме дека е добар почеток и се надеваме дека на таков разумен начин ќе се однесуваат и во иднина“, истакна Антонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ при гостување на емисија на Алфа телевизија говорејќи за пописот.

Милошоски додаде дека одложувањето на пописот е добро за секој граѓанин, бидејќи здравјето е пред се.

„Одложувањето на пописот е само еден чекор, со овој чекор само им се овозможува на надлежните институции да бидат подинамични и попосветени во она што го пропуштија, а тоа е масовна имунизација на населението кое што сака да се вакцинира“, појасни Милошоски.

„Се залагаме изборот на градоначалници да се врши во првиот круг, со одреден цензус на минимум гласови кои што би требало да бидат освоени од било кој кандидат. Зошто го сметаме ова? За тоа што се забележа на повеќе локални избори дека најголемите девијации или злоупотреба на државни ресурси се случуваат помеѓу првиот и вториот изборен круг во оние општини што се побитни“, рече Милошоски.

Милошоски додаде дека најчесто за добивање на вториот круг се насочуваат ресурси од владејачката партија да се оди со понуда или вработувања, со одредена финансиска помош, стипендии, интервенции во инфраструктура и сл.

„А, сметаме дека избори во еден круг ќе бидат и подемократски и поекономични. И во најмала рака ќе го намалат тој чин на злоупотреба на државните ресурси и ќе го подобрат имиџот на државата“, појасни Милошоски.

Милошоски посочи дека во моментов имиџот на државата е дека е хибриден режим и тоа по вина на оваа влада.
Милошоски во текот на емисијата се осврна и на декласификација на информации кој се се вакцинирал со вакцината против КОВИД-19.

„Во медиуми се појавија информации дека можно е да не биле само медицински лица досега оние кои што примиле дел од пристигнатите вакцини за имунизација, туку дека меѓу нив има и други лица. Дали тие други лица се политичари, дали се функционери, дали се блиски приватни лица до функционерите не можеме да знаеме додека немаме декласификација на тие информации“, рече Милошоски.

Милошоски додаде дека власта наместо да демантира дали такво нешто се случило, нека повели и отвори информации кој се се вакцинирал со вакцина против КОВИД-19.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста