Милошоски до З.З. – Ајде јавно да објавиме што имаме еден за друг, допрва ќе има што да те боли

Антонио Милошоски го повика лицето З.З. на ТВ дуел во време и на медиум кои тој ќе ги избере. И тоа за сите материјали кои ова лице ги има за него или се од друг јавен или политички интерес, како и на оние материјали кои Милошоски како што вели можеби ги поседува или ќе ги поседува. Во изјава за емисијата на Алфа “Заспиј ако можеш” пратеникот на вмро-дпмне рече дека јавноста треба да биде сведок на нивното соочување со аргументи и да одлучи кој ќе треба да се појави на суд, тој или з.з.
Ова следува откако вчера на јутјуб од каналот “Голи тру” се појавија аудио снимки од разговори во кои се слуша гласот на Милошоски. Првиот е со поранешниот престедател на Врховниот суд Јово Вангеловски, а вториот со судијата Николче Никколовски. Во двата разговори пратеникот наводно се распрашува за случај во кој е инволвиран неговиот татко. Претходно и Милошоски објави два разговори во кои се слуша гласот на екс-премиерот Зоран Заев. Поврзани се со 1 ТВ и судството.
Милошоски вели дека токму з.з е лицето кое нелегално ги поседува копиите од сите снимки од сјо, лично ја координира селекцијата и ја нарачува нивната објава иако тврдел дека ги предал сите снимки на сјо.

“Или Јовески лиферува дел од овие материјали или некој друг ги употребува според политичките цели или нарачки што ги има. Моето мислење е дека лицето з.з. се најде многу засегнато или погодено од материјалите кои јас ги објавив, а ми беа доставени од укажувач. Не сум ги задржал ниту еден ден повеќе. Тоа претставува одговорно однесување за материјали од висок јавен интерес. И со објавата на овие симки лицето з.з. покажа дека тие материјали навистина го здоболеле. Мојата порака до него вечерва е дека допрва ќе има што да го боли”, изјави Милошоски.

За новите аудио снимки денеска се огласи и техничкиот министер Спасовски. Тврди дека се она што СДСМ го имал од прислушуваните разговори го предал во СЈО.

“Јас не ги слушнав и не знам за што се работи, само знам дека се објавени некакви материјали. Повикувам институциите да истражат, да видат кои материјали се, какви се, од каде се објавени и да преземат соодветни мерки. Нулта толеранција за оваа работа. Институциите треба да работат ефикасно и да ги откријат тие кои ова го прават, и врз основа на тоа да преземат соодветни санкции”,изјави Спасовски.

МВР пак ќе постапи по случајот доколку добие насоки од обвинителството.

Во 2015 СДСМ започна да објавува нелагално прислушувани разговори. Такви снимки се појавија уште во неколку наврати. Извесни Никола Тесла, Илија Громовник и Шекерим Ахмети алијас Ел Чека кој потоа доби условна казна објавуваа разговори од владеачки, опозициски функционери, аналитичари, новинари. Содржината од медиумите потоа во најголем дел беше парафразирана или беше поставуван линк до објавите.
Законот за заштита на приватноста забранува објава, обработка, или поседување на материјали од незаконското прислушување од 2008 до 2015 година.
Оној кој на неповикано лице му овозможува да се запознае со содржина од изјава која е прислушувана или снимена ќе добие до една година затвор доколку со неа се нарушува приватноста на личниот и семејниот живот. Сепак одредбата не се однесува на изјава која претставува јавен интерес. Од месец до една година затвор се казнува и тој што ја нарушува приватноста со објавување на снимани или прислушуувани разговори или транскрипт од нив.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста