Милошоски: бугарските пратеници веќе знаат за нон-пејпер договорот меѓу Скопје и Софија, ние ништо не знаеме

Нон-пејпер за преговорите со Бугарија кој се држи во тајност циркулира на релација македонско и бугарското МНР, открива пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Антонио Милошоски. Повикувајќи се на дипломатски извори тој вели дека она што се крие во Македонија, веќе било на увид пред бугарските пратеници.. Милошоски кој е и претседател на собраниската Комисија за надворешни работи, потврдува дека власта останува глува за нивните повици да биде јасно кажано што се преговара со Бугарија и на какви отстапки сме се согласиле.

Ниту премиерот Ковачевски, ниту шефот на дипломатијата Османи не одговориле на дописот. Сепак Милошоски му порача на Ковачевски дека доколку не е подготвен за јавно соочување ќе му биде отворена опцијата и затворена седница, само да каже дали се подриваат македонските национални интереси.

Министерот за надворешни работи веќе најави дека нема намера да се појави во Собранието и да раскажува за средбите со бугарските челници, додека не бил постигнат конечен договор.

И додека чекаме македонските власти да откријат во која фаза се преговорите со официјална Софија и да се биде тргнато бугарското вето за македонските интеграциии, Албанија веќе интензивно најавува дека доколку до јуни не биде надминат билатералниот спор, ќе бараат нивно одвојување од пакетот со Македонија за членство во ЕУ.

Во меѓувреме пак Германија бара Бугарија да го тргне ветото за Македонија. Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок порачува дека обврска на Унијата е во првата половина од годинава да бидат започнати преговорите за членство во ЕУ со Албанија и Македонија, а тоа и го пренела ио на бугарската шефица на дипломатијата Теодора Генчовска.

„Имав билатерална средба со бугарската министерка за надворешни работи на која се согласивме дека е многу важно во актуелната ситуација да го започнеме процесот на проширување за двете земји и се надевам дека Бугарија ќе ги расчисти точките кои се уште се спорни“, рече Бербок.

Од бугарското МНР досега нема реакција на изјавата на Бербок, ниту потврда за согласноста да започнат пристапните преговори со Македонија. Сепак гласни се изјавите на бугарските функционери дека нема да ги променат позициите кон Македонија и тргањето на ветото за интеграции.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста