Милошоски бара итна седница во Собранието за разрешување на Филипче и Хасани

Итна седница во Собранието за разрешување на Филипче и Хасани бара опозицијата по скандалозното одбивање на оставките од страна на премиерот Заев кој се правдаше дека немало менаџерски и политички причини министерот и заменик министерот да ги напуштат фунциите заради трагедијата во Тетово. ВМРО-ДПМНЕ смета дека пожарот во модуларната болница кој одзема 14 животи е резултат на неодговорноста на власта и поднесуваат иницијатива за свикување итна Седница – претседателот на Собранието Талат Џафери треба да одговори на ова барање најдоцна за десет дена.

„Сметаме дека зелената агенда на ДУИ и СДСМ, за жал, изгоре со тетовската модуларна болница, со којашто изгоре и принципот за политичка и објективна одговорност на носителите на јавни функции коишто треба да се грижат за здравјето на граѓаните, а гледаме дека здравјето и животите на 14 луѓе беа колатерална штета на неодговорната власт“, изјави Милошоски.

Од кабинетот на спикерот  информираат дека Џафери не ги коментира политичките изјави.

До сега, официјално ВМРО-ДПМНЕ нема доставено барање за свикување на итна седница. И затоа нема да има став од страна на претседателот на Собранието Џафери. Како и до сега, претседателот Џафери нема да коментира политички изјави, до моментот кога ќе достават официјално – велат од Кабинетот на Џафери.

Во меѓувреме, јавноста збесна од потегот на премиерот Заев кој само по првичниот извештај на Обвинителството,  реши да ги одбие понудените оставки на министерот и заменик министерот, иако истрагата е се уште во тек. Низа оправдувања произнесе првиот човек на Владата зошто Филипче и Хасани нема да се збогуваат од функциите – од примери дека не сме единствени во светот каде изгорела модуларна болница, до пример како здравствениот систем, кој според него добро функционирал, би се ризикувал доколку постави нови менаџери на здравството оти актуелните покажале дека добро го управуваат, и покрај тоа што Македонија е меѓу првите земји со најлоша епидемиолошка слика и најголем број починати од корона вирус. 

Адријана Алексиеска