Милчин: Делчев е Македонец, Заев нема мандат да прекројува историја, Борисов да се извини за бугарските злосторства

Делчев се борел и загинал за Македонија. Заев нема мандат да ја прекројува историјата, порачува Владимир Милчин. По големите отстапки кои веќе се направени кон Бугарија, а се погласно се говори дека ќе има уште поголеми, реагираше и поранешниот директор на Фондацијата отворено општество Македонија. Милчин, кој важеше за еден од најголемите поддржувачи на Заев, сега порачува дека премиерот нема мандат да прифати капитулација.

-Заев нема мандат да ја прекројува историјата. Делчев се борел и загинал за Македонија! Неговата борба е македонска! А неговиот живот е борбата! За смртта уште не е јасно чија е! Борисов би требало, следејќи го примерот на Вили Брант, да дојде овде и да се поклони пред жртвите на бугарската окупаторска власт. Во Музејот на холокаустот за 7.133 македонски Евреи испратени во Треблинка и барем на Могилата на непобедените во Прилеп. Македонија нема за што да се извинува на Бугарија, но Бугарија има! А Заев нема мандат ниту за капитулација, ниту за амнезија!, пишува Милчин.

Бугарија бара од Македонија да се откаже од голем дел од својата историја, односно од своето постоење пред 1945 година, доколку сакаме напредок на патот кон Европската унија. Ваквите барања беа многу пати повторени од голем број бугарски политичари, а сега и од поранешниот нивни амбасадор во Македонија, Александар Јорданов. Според него Илинденското востание од 1903 година е настан во бугарската историја, во битието на Бугарите кои живееле на тие простори.

-За денешните Македонци, кои тврдат дека не се Бугари, тоа нема врска. Фактот што дел од востанието избувна на територијата каде што сега живеат, не го прави нивен настан. Архивските документи, како и старите весници, говорат дека нашите сонародници биле убивани и тероризирани од безродници. Тоа биле главно комунисти и србомани. Денешните Македонци постепено ќе ја научат таа вистина, вели Јорданов.

Милчин реагираше и на ваквиот став на Јорданов, велејќи дека нахалноста ги преминала сите граници, а уцената дури и да е братска, иритира. Спорен него ова е нацистичко сталинистички манир, познат од годините пред Втората светска војна, применет на Австрија и Чехословачка.

Матеја Петровски


Advertisements