Миќиќ: Контроверзен е случајот со велешанката, се утврдува дали смртта настапила пред три месеци
Мистеријата со почината велешанка станува се по-контроверзна. Властите се збунети и немаат одговори. Допрва ќе утврдуваат дали воопшто била позитивна на Ковид 19 и кога точно починала. Доколку се потврди дека вирусот бил присутен кај нас, тоа ќе ја смени комплетно сликаа за епидемијата, не само кај нас, туку во светски рамки.Откако Филипче уште минатата недела кажа дека починатата старица била заразена со корона, епидемиологот Микиќ денеска сепак се огради , вели рано е да се каже дали таа навистина била инфицирана.
Не би шпекулирал со точен период кога е настаната смртта. Второ што е многу важно да се каже е дека со тестот се детектира генетски материјал. Не мора да значи дека тестот укажува дека постои жив вирус, едноставно е најдена нуклеинска киселина која што одговара на вирусот. Се уште е рано да се утврди со стопроцентна сигурност дали таа жена била навистина инфицирана или не, кога настанала смртта и кои се можните начини воопшто да дошол вирусот кај нејзе. – Вели Миќиќ
Вирусот кај старицата е откриен за време на обдукцијата, но сега се прави дополнителен тест за да се потврди присутноста на вирусот, а и допрва ќе се утврдува кога точно настанала смртта .
Тие податоци ќе ни бидат многу битни во однос на тоа што ќе следи, а тоа е како ќе ја анализираме состојбата со антитела, таканаречен скрининг на серолошкиот статус на населението генерално, кое што нема сега да почне туку малку понатаму заради тоа што се уште сме во фаза кога откриваме активни болни. – Вели Филипче
Епидемиолозите најавија дека институциите ќе истражуваат дали коронавирусот се појавил во Македонија многу порано од првиот детектиран случај. Детална анализа за тоа дали можеби некои од лицата со грип имале ковид-19 ќе се прави откако епидемијата ќе стивне. За случајот ќе ја известат и светската здравствена организација.
Дејан Трендов