Мијалков во притвор до правосилноста на пресудата- ќе има ли одговорност за скандалот со бегството?

Зборот одговорност како да се заборави. Дали случајот Мијалков ќе заврши без казна за евентуалните помагачи? Откако прво беше во бество, па потоа се врати, одговорноста која власта барем декларативно ја бараше, за 40 часовното отсуство на поранешниот директор на УБК, сега веќе не се споменува. Наместо да поднесе оставка од морални причини, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, додека го немаше Мијалков вината ја бараше кај кртови од власта од времето на ВМРО-ДПМНЕ.

-Се сомневам дека постои крт во било која од институциите кои што долги години беа под режимот и тука не можеме да кажеме со сигурност дали и кој тоа го прави, тоа треба да го покаже истрагата. Меѓутоа, дека има сомнежи има, дека е можно да имаме во сите институции, низ кој поминуваат овие одлуки, писма итн, да има можност на протекувањето на информацијата. Впрочем, и сами знаете како функционираше режимот во тој период и се уште постојат таквите остатоци од режимот во сите тие институции, изјави Спасовски додека уште го немаше Мијалков.

Системот останат од поранешната власт беше виновен за Заев и Спасовски, но како Мијалков се појави, системот за само три часа стана добар, па власта со полни усти се фалеше дека на некој начин го фатиле Мијалков, иако тој самиот се појави во Обвинителството. Тоа денеска уште еднаш го повторија преку партиско соопштение.

-Оваа пресуда е силен удар кон остатоците на режимот на ВМРО-ДПМНЕ спроведуван од Груевски, Мијалков, Јанкуловска и многу други, а кој се уште од поединци, се одржува жив во Белата палата. Очекуваме и сите други случаи и предмети, коишто се покренати од Специјалното јавно обвинителство и од другите обвинителства, да добијат разрешница и одговорните да бидат соодветно казнети, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Од опозицијата пак остануваат на ставот дека целото ова сценарио е политички договор меѓу Мијалков и власта, но дека поради големиот притисок од јавноста, она што е договорено не можело да се реализира како што Заев сакал.

-Видовме една одлука која не е под целосно негов притисок, а повеќе е би рекол под позитивен притисок на јавноста, и секако на сите оние кои се загрижени за иднината на Македонија. Жал ми е што заради би рекол злоупотребите на бегалецот од правдата уште неколку луѓе се колатерална штета, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

По изрекувањето на пресудата одговорност за случајот со Мијалков побара и судијката Џенета Бегтовиќ. Таа кажа дека мора да се заврши истрагата и да се откријат сите детали околу отсуството на поранешниот директор на УБК.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста