Мијалков сам се пријави, Заев се пофали за успех на институциите

Со координирана акција на институциите, Мијалков немаше друга опција освен да се предаде – се пофали премиерот Зоран Заев. Тоа што екс директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање доброволно се појави по два дена со оправдување дека имал висока температура – за Заев е успех на институциите и прочистување на правосудството во Македонија. Притисокот врз неговото семејство и сите чекори кои ги презеле надлежните, го натерале Мијалков да се пријави во обвинителството. Сепак, каде бил овие денови, нема одговор. Премиерот ги отфрла сите обвинувања дека ова е политички монтиран случај, оти според него никој не бил и не смеел да биде над законот во државава.

Системот, институциите покажаа успешност денеска, принудија некој да не му биде исплатливо бегањето, криењето, да си почека соопштување на казна, да си ја отслужи казната ако ја има, и готово. Тоа е системот, така треба да биде и никако поинаку – истакна премиерот Зоран Заев.

И покрај огромните реакции во јавноста и барањето одговорност за пропустите од страна на надклежните во власта, Заев не гледа причина за да бара оставки од Спасовски и Маричиќ. Дека власта беше во хаос, покажа и самиот Спасовски на прес конференцијата неколку часови претходно, кој видно нервозен наместо за оставка, зборуваше за кртови во институциите и ја префрлаше топката на обвинителството. Оставки дефинитивно нема да има, ама Заев сега уверува дека истрага за пропустите ќе имало: 

Еден млад човек во државата, ако сака да се крие, може да се крие, факт е дека за 40 часа го најдовме, тоа покажа дека кој и да е во државата, ако знаел дека му се спрема притвор, можел да се скрие, суштината е системот да се организира и да го спречи обидот за криење, очекувам истрагата да покаже дали има одредени пропусти, случајот има успешна завршница – додаде Заев.

Со пријавувањето на Мијалков во обвинителството е обезбеден неговиот притвор се додека не биде изречена пресудата во процесот кој се води против него, а според Заев Обвинителството и Судот, неговото  таканаречено враќање, никако не треба да се сметаат за олеснителна околност.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста