Мијалков е на слобода, Рашковски со гаранција – дома, Камчев останува зад решетки

Еден лист хартија, т.н. службена белешка на АНБ го однесе македонскиот бизисмен Јордан Камчев во притвор и таму е веќе десет месеци. Покрај алармите од македонската стручна јавност, но и од надвор, дека здравствената состојба на Камчев не му дозволува да престојува во Шутка, но пред се  понудената милионска гаранција, Кривичиот суд му остана верен на Обвинителството, па му го продолжи притворот на бизнисменот веќе 9 пати.

„ Се работи за инкриминиран начин на линчување од слобода од страна на правосудниот систем во Р.Македонија. И во тоа лишување од слобода инволвирани се сите судии во Основниот Кривичен суд во Скопје. Нив изгледа им е тешко да си признаат грешката во која ја направиле и во која се постојано. И многу симптоматично е што Апелација односно составот на Апелациониот суд, кој одлучуваат во втор степен, е секогаш ист. Немаме воопшто промена на тројцата судии кои одлучуваат.“ – изјави Тони Менкиновски.

За лошите затворски услови, пак, во кои Камчев, неосуден, и на сам старт на судски процес, ја издржува мерката притвор, говореше и поранешниот еврокомесар и специјален пратеник за човекови права Јан Фигел. Тој најпрво не смееше да влезе во затворот, со чудни образложенија од надлежните. Кога стана јасно дека Фигел мора и може да влезе, управата отстапи.   Еврокомесарот се соочи со нечовечките услови и тортурата што се врши врз Камчев. 

-Мислам дека заслужува еднаков третман, a во врска со здравствената грижа, има јасен извештај од кардиолози од Австрија, Словенија и Македонија за сериозноста на неговата срцева болест. Мислам дека тој заслужува подобри услови бидејќи тој може да умре во притвор и тоа би било скандалозно. Неговиот татко починал од срцев удар на состанок. Овој човек е болен, потребен му е подобар третман, изјави Фигел.

Меѓународните реакции не застанаа тука. Новинарот Чарли Тејлор во еминентниот „The Times of Israel“, објави текст на тема условите во македонското правосудство, илустрирајќи со случајот Камчев. „Тој е притворен во затворот Шутка, озлогласен и ужасен објект, место кое Заев наводно го користи за свои лични одмазди“ – напиша Тејлор.

-Условите во Шутка, дури и без сугестија дека Заев го користи за да ги казни своите ривали, се далеку од тоа да бидат во согласност со Меѓународниот пакт за граѓански и политички права (ICCPR) и Конвенцијата против тортура и други сурови, нехумани или понижувачки постапки или казнување, кое забранува тортура и сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување, без исклучок или отстапување. Ако има разлика за некои, притворениците таму се сметаат за веќе обвинети и осудени, изјави Тејлор.

И бугарски претставници го посетија Камчев. Ја воочија истата слика како и  Фигел. Удрија со критики по надлежните, но оттаму не отстапуваат од одлуките.  

Ќе стане ли услов случајот Камчев, за евроинтегративниот македонски пат? Вака им изгледа на познавачите, со оглед на решеноста на меѓународните функционери да ја истераат правдината до крај. Последно,  четворица пратеници на Европскиот Парламент испратија писмо со прашања до Европската Комисија во врска со незаконскиот притвор на Камчев и континуираното кршење на неговите основни човекови права. Пернил Вејс, Иван Штефанец, Петер Полак и Карен Мелчиор прашаа како Европската комисија планира да ја насочи поддршката на Европската унија за  Македонија доколку постои контиунирано кршење на човековите права во земјата и докази за полициска бруталност.

Како ќе заврши случајот, тешко е да се предвиди, дури и за адвокатскиот тим на Камчев, но со сигурност останува црна дамка за македонското правосудство.

Викторија Миткова

Advertisements

Поврзани вести