Михајлоски првиот новинар во Македонија заразен од корона, Заев и Мицкоски негативни, ќе бидат во изолација

Главниот уредник на Канал 5 Гоце Михајлоски е првиот заразен новинар од коронавирусот во Македонија. Лидерите на двете најголеми политички партии Зоран Заев и Христијан Мицкоски, кои пред една недела беа гости на интервјуа кај Михајлоски, се негативни на тестовите. Како што велат во писменото соопштение од Канал 5, првиот тест кој главниот уредник го направил на  7 април бил негативен, за два дена подоцна вториот да излезе позитивен.

Викендот на 28 и 29 март, тој бил во посета на своите родители во Прилеп, кога според зборовите на директорката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска- Грашкоска се заразил откако имал контакт со роднина позитивен на вирусот.  Откако се вратил наредниот ден продолжил нормално со својата работа. Кога се појавиле симптомите на Ковид 19 на 5 април, веднаш го напуштил своето работно место.

-Во четврток, 09.04.2020 колегата Михајловски заминува во Воена болница , каде е примен, а утринава не информираше дека сепак е позитивен на Ковид-19. Во насока на следење на препораките за заштита при работа од корона вирусот, последниве неколку недели Канал 5 донесе одлука да сите вработени кои можат да го изведуваат работниот процес од дома, тоа и да го прават, велат од Канал 5.

И покрај тоа што Мицкоски и Заев се негативни на тестовите, наредните 7 дена ќе ги поминат во изолација, кога минуваат 14 дена колку што трае инкубацијата на вирусот.

Мицкоски се огласи на Фејсбук, вели дека е во одлична физичка и здравствена состојба, потенцирајќи дека ќе ги почитува препораките на здравствените лица и наредниот период ќе остане во изолација. Изрази надеж за брзо закрепнување на новинарот и негово брзо враќање на работното место.

-И понатаму активно ќе се бориме против пандемијата која донесе тешка здравствена, санитарна и економска криза. Сигурен сум дека на крајот заеднички ќе победиме затоа што секој живот вреди и затоа што ја сакаме Македонија. Бидете живи и здрави, изјави Мицкоски.

На Фејсбук се огласи и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој наредната недела ќе ја помине во изолација во својата Струмица.

-Согласно сите протоколи, од денеска сум во самоизолација во мојот дом во Струмица. Немам симптоми, денеска се тестирав за присуство на вирусот и резултатите ги очекуваме во текот на денот – по што ќе се утврдат следните чекори, изјави Заев.

На вонредната прес-конферинја утрината Филишче ги спомена само лидерите, но не и оноие кои работат заедно со Михајлоски. Ниту збор не кажа за медиумските работѕници кои безмалку се во првите борбени редови со корона вирусот. Ако не се медиумит, ќе нема кој да ги извести граѓаните. Па попладнево на инсистирање на новинарите Филипче кажа дека нема потреба од тестирање на медиумските работници  кои директно или индиректно секогаш се во контакт меѓу себе. Информираше дека четворица вработени од Канал 5 ќе бидат во изолација во наредните 14 дена.

 Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста