Мицкоски: Сакаме јавна администрација која ќе биде пример за ефикасност, транспарентност и отчетност
Транспарентна, професионална и деполитизирана администрација со современи дигитални платформи кои на граѓаните со еден клик ќе им нудат брзи, лесни и квалитетни услуги, најави премиерот Христијан Мицкоски како дел од пакетот реформи кои Владата ќе ги спроведе во јавниот сектор.
“Нашите цели за реформа опфаќаат: Дигитализација на услугите, обезбедување што повеќе услуги да бидат достапни онлајн на еден клик од граѓаните. со тоа ќе го намалиме времето за чекање и ќе го задоволиме тоа што го очекуваат корисниците од нас. Ефикасност и професионалност: Ќе се залагаме за деполитизирана администрација каде клучни ќе бидат деполитизацијата и професионалноста. Отчетност и зајакнување на механизмите за отчетност. Секој граѓанин има право да знае каде и како се трошат јавните пари. Намалување на бирократијата. Администрацијата треба да биде партнер на граѓаните” нагласи Мицкоски
Министерството за јавна администрација веќе презема конкретни чекори за унапредување на услугите, тврди министерот Горан Минчев. Според него Владата посветено работи во унапредување на јавните услуги кои им се нудат на граѓаните.
“Нашите заложби за професионализација, дигитализација и зголемување на ефикасноста на јавната администрација не се само зборови на хартија, тие се конкретни чекори што ќе бидат преземени во интерес на граѓаните и евроинтеграциите” изјави Минчев
Претставници на невладиниот сектор изразија задоволство од заложбата за имплементацијата на реформите од страна на Владата и државните институции. Сметаат дека дигитализацијата е клучна за подобрување на услугите за граѓаните но и работните услови за службениците.
“Затоа сме исклучително почестени и охрабрени од присуството на премиерот денеска овде со нас, за нас јасна и недвосмислена потврда за значењето на јавната администрација, но и за заложбата за модерен јавен сектор” нагласи Маја Ханџиска – Трендафилова, директор на РеСПА.
Реформите во администрацијата се клучни и за македонските евроинтеграции. Проектот за дигитализација добива и стручна и финансиска поддршка од Унијата.
Даниел Ѓорѓевски