Мицкоски за петтиот пакет мерки: „Се тресеше гората, се роди глушецот“

Разговори, наместо презентација. Петтиот пакет мерки стигна до нова фаза, ама никако да стигне до оние на кои им е најпотребен. Стопанствениците и граѓаните. Власта повторно се правда со разговори со бизнисмените и синдикатите по што ќе се објавел пакетот, во текот на наредната недела. Денеска има средби со коморите, а во понеделник со синдикатите.

  • Петтиот пакет содржи 30 мерки, а може да се поделат во четири столба: финансиска поддршка за исплата на плати и задржување на работните места, финансиска поддршка за ликвидноста на компаниите и граѓаните, мерки за поповолно деловно опкружување и директна помош за граѓаните, нагласи Вицепремиерот Фатмир Битиќи по средбата со Стопанските комори.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски критикува дека мерките доцнат, но и дека тие нема да бидат доволни за пристоен развој на економијата. Да не бил притисокот на опозицијата, немало да биде прифатена мерката за субвенционирање на плати.

  • Ако е така се заблагодарувам и ние во иднина ќе продолжиме да ја притискаме оваа корумпирана и неспособна Влада за да работи во интерес на граѓаните и стопанствениците. Познавајќи ги добро, знам дека од тоа ништо нема да биде или народски кажано, се тресела гората се роди глушец“, рече лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

Според бизнисмените, мерките мора да се насочени кон малите и средните компании зашто тие се најпогодени. Апелираат власта да побрза со носењето на државната помош, зашто кризата добива на динамика.

Покрај директната помош за плати, петтиот пакет ќе содржи уште неколку мерки за спас на фирмите. Целиот сет ќе тежи околу 50 милиони евра кои се додаваат на сумата од 1,1 милијарда, пари кои Владата ги даде за излез од кризата. Сепак, и покрај поддршката, газдите главно се незадоволни од висината на помошта зашто таа не била доволна, бидејќи досегашните четири пакети не ги дале посакуваните резултати.

Дека тоа е така, јасно говорат и податоците од Агенцијата за вработување, која бележи над 17.000 луѓе кои останале на улица од почетокот на пандемијата до сега, а бројот на компании кои ставиле клуч на врата надминал 6.200.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста