Мицкоски сведочеше за „27 Април“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се појави како сведок на одбраната за т.н. организатори за настаните на „27-ми Април“. Во врска со протестите на „За заедничка Македонија“ кои се одржуваа пред нападот во Собранието, Мицкоски рече дека народот се само организирал против погрешните политики во најава.

-Тоа што го кажав во судот е дека народот тој ден, туку и неделите претходно, се самоорганизираа. Бројката варираше и до неколку илјади во други денови. На дел од тие протести може бев и јас, затоа што протестиравме против погрешните политики во најава кои тогаш беа актуелни во државата. Сметам дека тоа е начин на граѓаните да изразат револт против одредени политички девијантни однесувања на определени политички партии и структури, во тој случај беше СДСМ. Дел од тој народ кој се самоорганизираше бев јас, тогаш кога времето ми дозволуваше да давам поддршка на тие протести – рече Мицкоски.

На претходното рочиште сведочеа и поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски и екс претседателот на УМС, Владимир Неловски кои потврдија дека партијата не учествувала во организацијата на протестите на движењето „За заедничка Македонија“. Сите сведоци на одбраната, досега во судењето, сведочеа дека ВМРО-ДПМНЕ не била организатор на случувањата од 27-ми Април 2017 година.

Вештачењето на одбраната покажа дека Александар Василевски – Нинџа сведочел лажно за организаторите на 27 април. Вештакот Мирослав Котевски  пред судот рече, дека Нинџа  не бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ околу 18 часот како што тој сведочеше. Анализите од вештачењето на телефонот на Нинџа, кои  беа презентирани покажаа оти тој се појавил во ВМРО ДПМНЕ после 22 часот.

Во случајот обвинети се поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста