Мицкоски со понуда до Kовачевски и власта – ајде на брзи избори без техничка влада и една изборна единицa

Брзи предвремени парламентарни избори, без техничка влада и промена на изборниот законик со воведување на една изборна единица – лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја предизвика власта. Во интервју за емисијата „Анализа“ Мицкоски порача дека се подготвени како партија  да се откажат од формирањето на Пржинска влада и да им удоволи на малите партии се со цел да се распишат избори како излез од кризата.

„Ајде луѓе да одиме на предвремени избори затоа што мислиме дека е потребно цврсто владино мнозинство, мнозинство кое што ќе биде отпорно на уцени, мнозинство кое што ќе може да ги спроведе реформите, економски политики, реформи во правосудниот сектор итн. Јас сум апсолутно свесен дека тоа во овој момент ниту за Ковачевски, ниту за луѓето околу него не е прифатливо, немојте да мислите дека јас живеам во некој паралелен свет и се надевам имам надеж дека тие наеднаш ќе седнат и ќе речат ајде да одиме на предвремени парламентарни изброи. Затоа дури сум подготвен да понудам тоа што го зборувавме и со Зоран Заев на времето, да интервенираме во изборниот законик да го избришеме делот со техничка влада. Не мора да има повеќе техничка влада и тоа сум подготвен да седнам и да разговарам ако им пречи техничката влада за да прифатат предвремени избори, а воедно да го скратиме рокот за кампања, наместо тие 100 дена да бидат оние уставни 45 до 60, рече Мицкоски.  

Мицкоски е подготвен да разговара за измени во изборниот законик во однос на техничката влада, како и една изборна единица се со цел да се дојде до предвремени парламентарни избори, а граѓаните да добијат влада која што ќе спроведува квалитетни реформи.

Од власта пак категорично одбиваат ново изборно соочување. За нив новиот владин состав треба да владее до крајот на мандатот и да се справува со актуелните предизвици.

Новата Владата веќе е соочена со уште еден ултиматум – ако во рок од три месеци не се донесат измени на Изборниот законик, пратеници од пет помали партии во владејачката коалиција најавуваат дека ќе ја откажат поддршката на Владата, што ќе предизвика предвремени избори.Тие на 12-ти јануари доставија барање до претседателот на Собранието, Талат Џафери, во најбрз рок да се закаже пленарна седница на која ќе се расправа за предлогот за измени на Изборниот законик, доставен уште пред 11 месеци.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста