Мицкоски: Шест или седум пратеници може да гласаат за друга Влада или друго парламентарно мнозинство

Шест до седум пратеници од мнозинството наскоро би можеле да гласаат за формирање нова влада.Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е уверен дека е можен пресврт во распоредот на силите во собранието и на кабинетот на Заев да му биде изгласана недоверба. Мицкоски не открива дали и со кого преговара за ново парламентарно мнозинство, но смета дека бројот на пратеници кои гласале при интерпелацијата на вицепремиерот Димитров е доказ за расколот во владеачката коалиција.

“Oна што се покажа на интерпелацијата на Димитров е дека Заев ја нема довербата од 62 пратеника, што значи ако денеска би се гласала доверба на Владата тој нема да помине, затоа што ќе има само 55 пратеника. Така што наместо да се извртуваат тезите, треба да се запраша каде исчезнаа седум пратеници кои пред само шест месеци го гласаа Никола Димитров. Да не се случи тие шест или седум пратеници да гласаат за некоја друга влада или за некое друго парламентарно мнозинство и тоа набргу од денес”, изјави Мицкоски.

Од власта возвраќаат дека мнозинството кое во моментов брои 62 пратеници е стабилно. На ВМРО-ДПМНЕ му препорачуваат да се реформира. Генералниот секретар на СДСМ и вицепремиер Љупчо Николовски е убеден во капацитетот на нивната коалиција, за која лидерот Заев пред извесно време најави дека ќе и се приклучат уште неколку народни избраници.

“ВМРО ДПМНЕ пред се треба да се реорганизира, трансформира, модернизира, за да има позитивен пристап кај граѓаните, за да има коалициски капацитети и за да граѓаните препознаат нешто во нив. Засега ниту нудат луѓе, ниту нудат програма, ниту нудат проекти и се партија заглавени во криминалот, во обвиненијата и сакат да ја кочат земјата”, рече Николовски.

Локалните избори треба да се одржат во Октомври. Опозицијата побара заедно со нив да се гласа и на предвремени парламентарни избори.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста