Мицкоски: СДСМ не ги зголемува пензиите, тие го враќаат моделот на ВМРО-ДПМНЕ кој го укинаа, а парите не ги вратија

Старо- нова методологија за раст на пензиите. Швајцарскиот модел  кој синоќа го договорија Владата и пензионерите е моделот на стариот закон кој важеше до 2018 , реагираат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски порача дека она што им го украдоа на пензионерите пред три и пол години сега се најавува како иновативен модел и оти тука нема ништо швајцарско.

Тоа е практично Законот од пред 2018 година, кој што оваа корумпирана Влада го донесе и кога ги намали пензиите на пензионерите сега се обидуваат со некакви трикови да објаснуваат швајцарски модели, тука нема ништо швајцарско, можеби ако нешто останало по скијањето на Швајцарските Алпи оваа зима на раководството на СДСМ да ги потсетува на Швајцарија, инаку суштината е дека овој е онај Закон кој пред да го смени Мила Царовска и Зоран Заев на 21.12.2018 важеше, истакна Мицкоски.

Имено, со стариот закон од 2012-2018  усогласувањето на пензиите се вршеше според движењето на трошоците за живот во висина од 50% и според просечно исплатената плата на сите вработени во државава во висина од 50 %.

Според СДСМ ова била  нова медотологија која ќе им овозможи достоинствен живот на пензионерите.

Со оваа нова методологија, пензионерите со просечна пензија која во моментот е 16.300 денари, од септември, секој месец ќе имаат покачување од просечно 900 денари на својата пензија, истакна на прес-конференција Цветанка Лазарова, заменик претседателка на Форум на пензионери на СДСМ.

Со старо-новата методологија усогласувањето на пензиите ќе се врши два пати годишно, а за пензионерите предвидена е и дополнителна финансиска помош по 1000 денари за месеците април, мај и јуни.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста