Мицкоски: Припадниците на АРМ се луѓето на чиј грб почива државноста

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на својата фејсбук страна објави статус со честитка до АРМ по повод 28 години од нејзиното постоење.

Во продолжение целата честитка:

„Дозволете ми, од мое лично име и од име на ВМРО-ДПМНЕ, да го честитам денот на Армијата на Република Македонија, на сите припадници на вооружените сили, но и на сите граѓани на Македонија. На денешен ден, пред 77 години на Славеј планина, во славна Дебарца е формиран баталјонот “Мирце Ацев” , кој е почетокот на македонското организирано војничко делување во Втората светска војна, кога македонските Партизани, народ и држава, застанаа на страната на Сојузниците против најголемото зло на 20-тиот век – фашизмот.

Луѓето кои пред 77 години, во виорот на фашизмот не се исплашија и го кренаа својот глас, се нашите херои и луѓето на кои им ја должиме слободата денес, тие се децата и внуците на Илинденците, и тие пред нив, кои се бореа за Македонија.

Тие стотина луѓе тогаш имаа огромна храброст, а од нивната храброст произлезе државноста. Таа храброст е доказ дека фундаментот е пожртвуваноста и посветеноста кон татковината, а таквата посветеност е потребна и денес кога државата се соочува со големи премрежја и предизвици. Да се потсетиме на нивната пожртвуваност, но и да се погрижиме да не биде залудна. Мора да изградиме држава на среќни и задоволни граѓани.

Вие, припадниците на АРМ, денес сте луѓето на чиј грб почива државноста и бидете горди на тоа. Честит ден АРМ.“

https://www.facebook.com/story.php?story_fbid=1637297419779044&id=829371753904952