Мицкоски: Повеќе од 4000 тони тутун ќе остане неоткупен, заради лошите политики на власта
Речиси на самиот крај од годинашната откупна кампања на тутунот, која од самиот старт е повеќе од кататрофална, лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, тврди дека повеќе од четири илјади тони тутун, годинава ќе останат неоткупени. Според него, главниот виновник за ова е актулената власт со нејзината глувост за опозициските предлози за ублажување на состојбата, како и со нејзинот, лани донесен Закон за тутун, кој се покажал како погубен и за македонските тутунари, и за домашното производство на тутун.
„Гледам денеска дека е предвидено од прилика некаде по едно евро субвенција за килограм тутун, што значи дека не може да се покрие ниту оној кој што останал непродаден, а камо ли пак за нешто повеќе“, порача денеска од прилепско, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Мицкоски, на средбата со тутунарите од прилепскиот регион, од прва рака беше запознат со сите проблеми со кои тие се соочуваат во изминативе неколку откупни месеци, а особено со прениските откупни цени. Тој им вети дека сите нивни барања ќе бидат процесуирани и во Парламентот.
„Во овој крај, во прилепско, во долненско цената е исклучително ниска, како никогаш досега. Пониска била само можеби во 2005-тата година, кога исто така, СДСМ беше на власт“, констатираше Мицкоски.
Инаку, годинашниот род тежи околу 25 милиони килограми, договорен тутун и плус 5 милиони килограми, за кои тутунарите немале договори со откупувачите, и тој се води како вишок. Досега се откупени околу 80 проценти од договорениот тутун, а откупот на вишокот не е ни започнат. Откупот завршува на крајот од месецов.
Каролина Дурло