Мицкоски: Постои коалиција на криминалот Заев, Мијалков се договорија да избега, мафијата мора да падне, оставка на Спасовски веднаш

Техничка влада и оставки од Заев и Спасовски побара лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски откако како што рече институциите потфрлиле и дозволиле обвинетиот Сашо Мијалков да избега од правдата. Мицкоски, ги повика пратениците од власта и опозицијата да ја поддржат иницијативата на ВМРО ДПМНЕ за недоверба на владата. Со тоа вели ќе се отвори можност за формирање на техничка влада, која до есен ќе создаде терен за одржување на кредибилни предвремени парламентарни избори заедно со локалните.
„Спасовски ќе остане запаметен како најенергичниот бранител на криминалот на чие чело е Заев. Но неговата оставка не е доволна. Уште поважно потребна е оставка на целата Влада веднаш. Формирање на експертска Влада која ќе има задача да го стопира слободниот пад на државата, и заедно со локалните да организира и парламентарни избори. Само така ќе дојде и правдата и оваа мафија ќе биде изведена пред лицето на правдата“, рече лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Мицкоски вели дека ВМРО ДПМНЕ дало рок од 24 часа за да види резултат од истрагата за бегството на Мијалков, но бидејќи институциите молчат и си ја префрлаат топката, тој јавно побара за случајот да се огласат не само од МВР, но и од Владата, од судот и Обвинителството.
„Кога ја нацртав линијата во ВМРО-ДПМНЕ дека компромис со криминалот не правам, тие кои се научени така веднаш се соединија. Затоа најдобар пријател на Заев станаа т.н. иницијатори. Добро е што се собраа сите на купче, лошо е што хараат по државата и пљачкосуваат. Додека МВР на Спасовски пишува казни на народот, и се фали колку казни напишаа за народот, Мијалков го пуштија да им избега со милионите. Но на овие арамии им доаѓа крајот“, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ вели оти одговорност мора да има бидејќи граѓаните бараат правда. Тој ја обвини власта дека, во изминатите четири години се покажала како неспособна да спроведе реформи во судството и образованието, оти не успеала да организира кредибилен попис на населението, а освен фалби и најави во земјава, вели, се уште не стигнала ниту една нарачана и купена вакцина.
Биљана Божиновска