Мицкоски подава рака за опозициско окрупнување – ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата се мобилизираат за финален триумф на изборите

Освоени 22 општини и над 55.000 гласови повеќе од владејачката партија на советничките листи во првиот круг од локалните избори е убедлива победа и јасна порака до власта дека постои серизоно антивладино расположение и незадоволство, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по средбата со коалициските партнери од Коалицијата „За обнова на македонија“. Повика на здружена опозиција за подобра и нова иднина.

„Затоа повикувам на здружена опозиција и заеднички до целта за подобра и нова иднина. Секоја наша разлика во опозицијата е помала од заедничката цел да ја собориме оваа власт за Македонија да оди напред за сите луѓе. Подавам рака за обединување и здружена опозиција, а тоа го побара и народот на овие избори“, рече претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Мицкоски очекува и во вториот круг да се повтори она што, како што истакна, било видено и во првиот круг, како поткуп на гласови, полнење кутии, притисоци и уцени.

„Но, воедно ги повикувам граѓаните да излезат во што е можно поголема бројка во вториот круг, бидејќи само со мобилизација и зголемена излезност може да се победи полицијата на Спасовски, обвинителството на Русковска и сите бандити кои се закануваат низ Македонија и на тој начин собираат поддршка за СДСМ и коалицијата“, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави поддршка за кандидатите за градоначалници од коалициските партии, во Карпош и во Центар Жупа, како и поддршка за кандидатите на Алијанса – Алтернатива. Најави голема победа и во вториот круг на локалните избори, по што, како што рече ќе се наметнела и потребата од нови предвремени парламентарни избори.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста