Mицкоски: Оваа влада нема иднина и ќе падне пред завршетокот на својот мандат на граѓански протести

Битка во Собранието, но и протести на улица, ваква есен најавува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. По дводневната седница во Собранието, и изгласувањето на новата влада, првиот човек на опозицијата вели дека имаме нова влада со стари истрошени и компромитирани кадри и неисполнети ветувања.

Ако ме прашувате каква иднина не чека, оваа влада нема иднина и ќе падне пред завршетокот на својот мандат на граѓански протести. И мора секој да биде свесен дека нема брзи победи против ова зло, туку долга битка за слобода и правдини и европска иднина. Затоа што Македонија нема европска иднина со мафијашка коалиција, затоа што земјоделците кои сега не ги ни спомнуваат нема да го добијат потребното, затоа што сиромаштијата ќе се зголемува, затоа што младите ќе продолжат да си одат од земјата, затоа што квалитетот не се цени. Како ќе се однесува ВМРО? Со жестока критика на страна на народот, со организирани масовни граѓани протести, бидејќи ова не е само моја битка туку на народот против неодговорната и криминална влада, изјави денеска на прес конференција Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

За најавените протести на ВМРО-ДПМНЕ , се огласи  и премиерот Заев.

-Ние сите и граѓаните очекуваме соработка бидејќи така повеќе ќе постигнеме. Оваа влада има огромни успеси на домашен и на надворешен план. Во слобода и демократија секој може да планира и да прави што смета дека треба, но јас верувам дека граѓаните ќе дадат поддршка на успесите, рече Заев.

Во контекст на протестите кои ги најави Мицкоски, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на неуспесите – како што вели тој, на Заев, односно старо новата структура на Владата која минативе години земјава ја вброиле со Боцвана и Сенегал како хибриден режим, а на листата на Транспаренси сме биле 106то место последни во Европа, во друштво со Сомалија, Брегот на слонова коска.

Мицкоски се обрати и до оние поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ, кој според него , сакаат да се додоворат на власта и сакаат да бидат опозиција на опозицијата и со тоа да помогнат на Заев и луѓето околу него. Вели нема да поднесе оставка оти ужива доверба кај членството, но и таков чекор сега би бил кукавички. За вонреден конгрес вели воопшто не е ни пристигната иницијатива до нив, и ја објасни процедурата како може да се свика истиот.

„Според статутот, има два начина: Јас како претседател да побарам од ЦК свикување и вториот е, 50 проценти од членовите на ЦК да поднесат барање да се расправа за свикување вонреден конгрес. И во двата случаи, во рок од пет дена од тие барања се свикува ЦК и во рок од 15 дена ЦК расправа за евентуално одржување на вонреден конгрес. Две третини од членовите на ЦК носат одлука дали ќе се свика. Сето останато е спротивно на Законот за политички партии и статутот на партијата“

Мицкоски посочи дека ова е почеток на крајот на владата на Заев и луѓето блиску до него.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста