Мицкоски од Вашингтон: Иднината на регионот е економската соработка и инвестициите

Мицкоски од Вашингтон: Иднината на регионот е економската соработка и инвестициите

32 лидери на земјите – членки се во Вашингтон на НАТО Самитот – 75 години од формирањето на Алијанса. Македонската делегација која ја предводи премиерот посетата на американската престолнина ја користи и за билатерални средби.

Христијан Мицкоски заедно со албанскиот и црногорскиот колега, Еди Рама и Милојко Спајиќ, оставрија средба со сенаторката Џин Шајин и сенаторот Том Тилис и членовите на набљудувачката група од Сенатот за НАТО.

Мицкоски посочил дека балканскиот регион помина тежок период на предизвици и промени кои покажаа дека соработката, забрзаниот развој и инвестирањето во пријателства на граѓаните единствено им носи подобар живот.

  • „Иднината на регионот е економската соработка и инвестициите за посреќни граѓани, како и апсолутна борба против корупцијата и организираниот криминал кој преставува најголема закана за напредокот. Македонската влада е посветена кон развиена економија и воспоставување на владеењето на правото. Блокадите, кочењето и опструкциите треба да бидат реликвија на едно минато време од кое регионот треба да извлече поуки како се заглавува во неразумни спорови и се создаваат стереотипи и раздор меѓу граѓаните. Секоја иницијатива која е за поголема соработка на регионот и која може да донесе подобар живот е добредојдена. Потребен е нов почеток и генерација на политичари подготвени за разумен дијалог базиран на факти, истакна Мицкоски.

Евентуална средба на премиерот Мицкоски со грчкиот колега Мицотакис се уште е неизвесна, иако медиумите од Атина пишуваат дека е можно соочување во четири очи на маргините на Самитот. Грчкиот премиер најде простор да каже дека е загрижен оти македонските власти го користеле името Република Македонија, иако Пентагон беше јасен во своите пораки – билатералните прашања за Договорот од Преспа да остане надвор од Алијансата.

  • Еден од основните, ако не и најфундаменталните, аспекти на овој договор беше поврзан со тоа што името ‘Северна Македонија’ мора да се користи секаде, и внатре и надвор. И ова е нешто што е многу јасно и не може да се преговара“, Кога слушам дека новата влада ја нарекува државата Република Македонија во внатрешноста на земјата, сериозно сум загрижен. Тоа е прашање што имам намера да го покрена. Не е конструктивно и не помага на европскиот пат на Северна Македонија“, рече грчкиот премиер во обраќањето.

Употребата на уставното име е апсолвирано прашање, вели во интервју за „Гласот на Америка“ претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој исто така се наоѓа во Вашингтон за Парламентарниот самитот на НАТО. Според него, коалицијата „Вреди“ нема да условува за носењето на уставните измени.

  • „Апсолвирано е тоа прашање. Во колоквијален пристап или говор останува лично на секој човек како ќе го изговори. Мислам дека за премиерот, владата, министрите, во Собрание, тоа прашање е апсолвирано. Мислам дека и нашите пријатели, Грција и пријателите од НАТО и од ЕУ, знаат дека нашата заложба за членство во ЕУ е силна и ќе направиме сè што е можно побргу да се зачлениме во Унијата“, изјави Гаши.

На Самитот на НАТО Алијансата Македонија ја претставуваат премиерот Мицкоски и министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, за одбрана Владо Мисајловски и за внатрешни работи Панче Тошковски.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )