Мицкоски од Вашингтон го најави договорот со „Вабтек“

Мицкоски од Вашингтон го најави договорот со „Вабтек“

Инвестиција од 35 милиони евра и вработување на 100 луѓе. Премиерот Мицкоски од Вашингтон најави ново вложување на американската компанија Вабтек. Фирмата која работи во кругот на поранешниот МЗТ, ќе ги проширува капацитетите преку изградба на нова фабрика во технолошко индустриско развојната зона Бунарџик. Во новите погони ќе произведува сопирачки за шински возила наменети за извоз на странски пазари. Мицкоски вели дека оваа инвестиција и претходните најавени се доказ дека новата Влада ја менува инвестициската клима во земјава.

Тоа значи дека ќе имаме зголемен извоз, тоа значи дека ќе имаме позитивно влијание врз Бруто домашниот производ. Она што претставува главна обврска, фокус и посветеност на оваа влада е економијата и борбата против криминалот и корупцијата. Владата на овој начин сака да покаже дека практично ја менува климата во земјава, нешто коешто досега беше навистина збунувачки како за граѓаните, така и за домашните и странските инвеститори. Компанијата Вабтек ќе го има мојот личен фокус, очекувам дека оваа инвестиција ќе биде многу скоро завршена и дека не само оваа инвестиција ќе можеме да додадеме уште некоја нова инвестиција којашто ќе дојде од компанијата Вабтек“ –  изјави Мицкоски.

Мицкоски во Вашингтон имал средба со извршниот потпретседател на Вабтек со кој разговарале не само за оваа, туку и за наредни можни вложувања и проширување на капацитетите.

„Разговаравме за можноста Вабтек да го прошири присуството во Македонија. Сакаме да се прошириме во Македонија со нов производствен погон , инвестицијата би била близу 35 милиони евра, што значи дополнителни близу 100 работни места“ – вели Грег Сброко, извршен потпретседател на американската компанија Вабтек.

И поранешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски ја поздрави веста за инвестицијата на Вабтек. Според него, добро е тоа што завршила голготата низ државните и судски институции. Тој ја пофали решеноста на Владата “да пресече” за оваа инвестицијата да се случи. Вабтек во Македонија во моментов брои 370 работници.

Корпорацијата Вабтек е водечки снабдувач на производи и услуги со додадена вредност за товарен и патнички железнички превоз. Компанијата произведува делови за локомотиви, товарни вагони, патнички возила и опрема за производство на електрична енергија.

Ова е трета голема инвестиција што ја донесе Владата, по онаа на Алказар Енерџи вредна половина милијарда евра и германско-белгиската Епсотех од 20 милиони евра.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )