Мицкоски обвинува оти Филипче и Заев ќе стават в џеб 400 милиони евра со изградбата на Клиничкиот центар, Филипче демантира

Кражба на народни пари која ВМРО ДПМНЕ нема да ја дозволи – вака лидерот на најголемата опозициска партија го коментира проектот за нов Клинички центар за чија изградба се повеќе притиска власта. Мицкоски вели дека е смешно таков мегаломански проект, вреден половина милијарда евра, да биде објаснет во физибилити студија на оскудни 30-тина страни. Тој и натаму е на ставот дека идејното решение на ВМРО ДПМНЕ за изградба на нов Клинички центар на местото на постојниот „Мајка Тереза“ и изградба на нова болница за Инфективни болести во Карпош е подобро и поисплатливо решение, нешто слично на она што го прават српските власти.

„Во делот предложен капацитет на кревети стои дека Клиничкиот центар ќе има точно 1000 кревети и специфицирани се каде. И ако го споредите тоа со клиничкиот центар, за кој што има проект претпоставувам од неколку метри, во соседна Србија бидејќи тоа е проект на кој што се гради, ова е параван како да се покраде половина милијарда од граѓаните во Македонија, што нормално додека сум јас претседател на ВМРО ДПМНЕ нема да го дозволам“, рече претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Владата и натаму е на став дека нов Клиники центар во месноста Веле Поле близу Ѓорче Петров ќе се гради. Министерот Филипче го обвини Мицкоски дека мешал баби и жаби кога македонскиот проект го споредувал со срспкиот за кој вели оти бил изграден пред двесетина години и сега се реновирал.

„Тоа е онаа голема бела зграда, на која што пишува Клинички центар на влезот во Белград, од десната страна и таа со години е празна, само два спрата беа опремени и беа амбуланти. И властите во Србија сега одлучија тоа да го реновираат и да го опремат. Не станува збор ниту за нова градба, ниту за капацитет каков што ние планираме. Значи, станува збор за споредба на баби и жаби, не може да ги споредуваме тие работи“, вели министерот за здравство, Венко Филипче.

Измените на законот за јавни набавки, со кои треба да се протурка изградбата на нов Клинички центар се веќе во собраниска процедура, но наидоа на отпор кај опозициските пратеници. Филипче ги повика народните избраници од опозицијата да ги соочат агргументите. Мицкоски пак упати отворена покана до премиерот да ги разгледаат фактите за тоа чиј проект е подобро решение за граѓаните.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста