Мицкоски објави документи за трансакцијата на здравство за купување кинески вакцини преку Хонг Конг

Македонија платила екстремно висока цена за набавка на кинеските вакцини Синофарм, обвини денеска лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој на брифинг со новинарите обелодени документи во кои јасно се гледа дека набавката на вакцините на Синофарм буџетот го чинела 7,8 милиони долари што, според Мицкоски, било двојно повеќе од продажната цена на вакцините.

„Со овој документ се потврдува целата афера околу обидот на македонската влада да набави кинески вакцини преку фирмата посредник „Стабри“. Владата во месец февруари на фирмата со седиште во Хонг Конг и уплатила 7.8 милиони долари, со што излегува дека една вакцина од кинеските „Синоифарм“ би чинеле 65 долари“, рече Христијан Мицкоски на брифинг со новинарите.

Од Министерството за здравство пак демантираат дека била направена противзаконска исплата за набавка на вакцините и велат оти документот кој го презентирал Мицкоски е документ од јавен интерес кој може да го прочита секој граѓанин на страницата Отворени финансии.

Аферата со набавката на кинеските вакцини, преку фирма во Хонг Конг, ја објави италијанскиот весник „Ла Верита“. Тогаш надлежните признаа дека бил исплатен аванс на фирма посредник, но оти парите биле повлечени по насоки добиени од кинеското МНР. Министерот Филипче тврдеше дека документите објавени во весникот се лажни, а парите од авансот биле повлечени откако кинеските власти им укажале на македонските дека набавката на вакцини се прави директно со производителот, а не преку посредници. Јавноста, до сега не виде доказ дали трансакцијата за поврат на авансот била направена.

За набавката на кинеските вакцини предмет отвори и ДКСК.

Инаку, првите 200.000 дози од кинеските вакцини стигаа во Македонија минатата недела, а дополнителни дози, како донација од Кинеската амбасада, ќе стигнат на 15 мај.

Биљана Божиновска