Мицкоски: Новиот патриотизам значи да се обединиме сите, христијани, муслимани, да си ги почитуваме мајчините јазици

Новиот патриотизам значи да се обединиме сите, христијани, муслимани, атеисти во идејата за заедничка иднина, тоа е Македонија за сите луѓе. Ова беше пораката на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски на трибината во Гостивар по повод меѓународниот ден на мајчиниот јазик.

Тој порача дека тоа што мајчиниот јазик претставува за Македонците подеднакво исто значи за нивниот мајчин и за другите заедници во Македонија. Затоа, ако се бара почит кон сопствениот треба да се понуди почит и за мајчиниот јазик на другиот.

 Сите со свој мајчин јазик, но сите со иста болка, со иста радост, со исти желби и потреби. И затоа велам дека Македонија е за сите луѓе! Македонија за сите луѓе кажете го на сите јазици, но значењето сепак на крајот е исто. Македонија е за сите луѓе затоа што ова не е само обична политичка порака или слоган, туку суштината, темелот врз кој ние треба да го градиме нашето заедништво рече Мицкоски.

Мицкоски посочи дека јазиците го одбележуваат постоењето на народите и пред почетокот на државите и како такви се е најважниот столб на идентитетот, со кој еден народ го знаат пред светот.

Мајчиниот јазик е најважното одбележје на еден народ и неговата култура. Навистина тој е идентитетот на луѓето или како што Блаже Конески велеше тој е единствената неподелена татковина, мисла која во суштина не одразува територија, туку идентитет на народот, го означува неговото постоење, богатство и  неговата лична карта пред целиот свет рече Мицкоски.

Затоа јазикот претставува најважниот столб на идентитетот врз кој се потпира и се гради државата и затоа многу сериозно и со голема претпазливост треба да се приоѓа кога се разговара за секое прашање кое се однесува на јазикот на еден народ рече Мицкоски.

Во стручните научни излагања, проф. д-р Михајло Марковиќ од Универзитетот во Тетово истакна дека македонскиот јазик не може да биде дијалект на друг јазик туку може да биде само спротивното, давајќи примери со лексеми.

На македонски јазик имаме лексема прашање, а на руски и на бугарски имаме вопрос/впрос. Вежба на македонски јазик, имаме упражнение/упражнение и на руски и на бугарски изјави Марковиќ.

За албанскиот и турскиот како мајчини јазици на трибината се обратија професорите Агим Пољоска и Махмут Челик.

Александар Самарџиев

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста