Мицкоски: Не гледам проблем во мојата лична карта да стои дека сум Македонец

Етничката припадност да стои во личната карта, бара лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Вели немал ништо против во неговиот личен документ да пишува дека бил Македонец. Вметнувањето на овој дел во документот за идентификација е коалиционен договор на СДСМ и БЕСА, а во Собранието предлог законот влезе токму преку партијата на Билал Касами. Сепак договорот на Заев со лидерот на БЕСА, може да му донесе проблеми со Грција, поради зборот Македонец. Според Мицкоски, за да избегне незгодни моменти со јужниот сосед, Заев преку свои сателити во Парламентот, се обидува да го минира овој закон.

„Јас навистина не гледам проблем во тоа да стои во личната карта дека сум Македонец. Апсолутно не гледам причина. За жал, има и такви парламентарни партии кои што од страна му служат на Зоран Заев, кои што се обидуваат да го спречат сето тоа. Јас навистина не гледам зошто во мојата лична карта да не стои мојата национална, етничка определба дека сум Македонец. А, некој тоа сака да го спречи. Зошто сака тоа да го спречи? За тоа што им пречеше македонскиот јазик, им пречеше Македонија, им пречеше АСНОМ, и што уште веќе не им пречи. Но, не им пречи да крадат и да пљачкаат од сопствениот народ“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Во Собранието, барем официјално, речиси меѓу сите партии има консензус за овој предлог закон. ВМРО-ДПМНЕ има само еден амандман, да не стои новото име на државата во личната карта. Со причина што Македонија се уште нема обврска за такво нешто, со оглед на тоа што има пет години за прилагодување на Преспанскиот.

Единствена партија која официјално е против овој закон е Левица која поднесе повеќе од 1.200 амандмани, за нив е неприфатливо во личните карти да стои етничката припадност, која е национално чувство и право на секој граѓанин. И покрај тврдењето на опозицијата дека токму тој го минира законот, премиерот Заев вели немал ништо против во документите за идентификација да стои етничката припадност.

Опцијата да се впишеме како сме етнички припадници, значи покрај тоа што сме Македонци/граѓани на Република Северна Македонија, да можеме да се пишеме етнички како Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми или слично. Личната карта, пред сѐ, е документ за лична идентификација – изјави премиерот Заев.

Инаку, во минатото во личните карти стоеше етничката припадност. Покрај Левица, против овој закон е и Демократскиот сојуз, односно коалициониот партнер на Заев, Павле Трајанов. Од неговата партија сметаат дека на тој начин ќе се дискриминираат граѓаните и може да се нарушат индивидуални и колективни права.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста