Мицкоски: На граѓаните трпението им е при крај, гледаат дека оние кои крадеа шетаат слободни, во скапи возила и одат на егзотични дестинации
Граѓаните со право го губат трпението, кога гледаат дека оние што крадеа, шетаат слободни, во скапи возила и одат на егзотични дестинации. Вината за тоа треба да се бара кај обвинителите, кои ги штитат оние за кои има сомнеж дека краделе од дражвата порача Христијан Мицкоски. Го разбира гневот на граѓаните, но вели тука централната власт нема моќ, таа е во рацете кај оние кои според него очигледно сакаат да сокријат одреден криминал, односно обвинителите и судиите.
-И навистина на граѓаните трпението им е при крај, но и нашето и со право граѓаните понекогаш се лутат, добро е ова еве проекти, пензии плати, сето тоа а супер реформи, ама овие што крадеа ништо, уште си шетаат слободни, си уживаат во скапи возила, ги гледаме на егзотични дестинации, ништо не направивте. И со право таа критика ни ја кажуваат. Но, ние треба да знаат граѓаните дека во случајот сме немоќни бидејќи помеѓу нас и правдата има две институции, а тоа се обвинителите и судиите, изјави Мицкоски.
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски кажа дека паушални биле изјавите на премиерот дека обвинителите не ја работеле својата работа. Мицкоски порача дека нивната работа може да се види и по тоа колкава е довербата на граѓаните во правосудството. Вели Коцевски добил шанса како никој републички обвинител претходно, но резултати немало.
-Одлучивме да бидеме над ситуацијата, да размислуваме надвор од политичката матрица и да дадеме шанса. Што добивме? Добивме 100-тици истраги и процеси и обвинители кои што кога треба да стават потпис на налог за увид, за претрес, за лишување од слобода или добиваат грозница, наеднаш, повишена температура, грчеви во стомак и анксиозност или се трудат на било кој начин да го опструираат процесот, изјави Мицкоски.
Коцевски потврди дека имало вирус во Обвинителството, но тоа било случај само со еден обвинител.
-Тоа беше некаде пред 20-тина дена, кога предметниот обвинител имаше вирус и не можеше да дојде на закажаниот состанок, истиот се одложи за 3-4-5 дена, со тоа што присуствуваше после и од тогаш до денес има одржано неколку состаноци со надлежните служби од полицијата за евентуална координација на одредени предмети, изјави Коцевски.
Премиерот претходно порача дека доволно било чекање, најавувајќи дека од понеделник почнува акција против одредени обвинители кои што директно штитат политички и бизнис моќници.
Матеја Петровски