Мицкоски: Македонија е наша заедничка тврдина – да ја направиме место на просперитет, правда и надеж за сите
Македонија е нашиот дом, и нашата заедничка тврдина. И секоја поделба треба да ја надминеме со разум и со мудрост. Ниту една наша разлика не е поголема од мотивот да успееме, и тука немам никакви дилеми. Граѓанинот беше секогаш тука кога беше најпотребно за татковината. Гласаше на референдумот за независност, работеше макотрпно, редовно ги решаваше своите обврски кон неа, плаќаше даноци, работеше, придонесуваше за животот – порача во своето експозе мандатарот Христијан Мицкоски од собраниската говорница.
Седницата за избор на новата Влада започна во 11 часот, а гласањето се очекува да биде утре, најдоцна до полноќ.
Бројот на пријавени пратеници за збор до сега изнесува 73.
Идната влада ќе има големи предизвици – во економијата, здравството, образованието, судството, евроинтеграциите…
„Нашата носечка цел е да ја обновиме довербата во институциите на државна власт, да ја елиминираме корупцијата и да обезбедиме владеење на правото. Централно место во нашата животна мисија е економското заживување. Ќе започнеме нов силен циклус на економски раст, поттикнат од стабилни јавни финансии. Поддршка за конкурентен приватен сектор и значајни инвестиции во иновациите и во информатичката технологија. Нашата цел е да создадеме продуктивни и добро платени работни места, да ја намалиме невработеноста и да поттикнеме средина каде што бизнисите можат да се развиваат. Мора да постигнеме раст на БДП до 5% годишно. Ниска стапка на инфлација не повеќе од 2,0%- 2,5% годишно. Намалување на невработеноста до 7,5%. Односно создавање на нови 55 илјади работни места. Ќе ги намалиме даноците. Ќе обезбедиме секое дете да оди во градинка. Инвестиции во инфраструктурата од над 2 милијарди евра за 4 години, завршување на автопатот Кичево – Охрид, реконструкција и рехабилитација на железничкиот коридор 10 и набавка на возови, како и 250 милиони евра капитални инвестиции во општините. Ќе работиме на децентрализацијата Ќе направиме формирање на посебен фонд за врвна наука преку кој ќе фатиме чекор со светските истражувачки центри, обнова и реновирање на училишта, како и зголемување на платите во образованието согласно со Колективниот договор, зголемување на буџетот во образованието, силни инвестиции во здравството и нови болници и многу други работи. И конечно одговорност и фронт против корупцијата, прочешлување на имотот на судиите, обвинителите и функционерите“, порача Мицкоски.
По неговото експозе, за реплика се јави пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски кој е координатор на пратеничката група. Тој обвини дека во програмата на идната влада немало нови проекти туку само довршување на старите.
„Имногу прашања кои сте ги ставиле како големи идни достигнувањња, се нешто што постојат и функционираат во државата. Напишана е колку да се каже дека ќе правите нешто. Сте напишале видео-надзор на граничните премини, а тој систем постои 30 години и тоа не еден, туку два – на Царинска управа и на МВР. Иако се најавуваше изградбата на инфраструктура – освен доградба на проектите како Кичево – Охрид и Бехтел и Енка, кој ви беше коруптивен, сега со задоволство е ставен во програмата. Таквиот пристап е чесен, ако веќе нема план“, се обрати Спасовски.
За предлог министрите и вицепремиери додаде дека „кадрите се продолжение на владеењето од претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, во која има такви и од она во 90-тите“.