Мицкоски: Криминалната коалиција Заев – Мијалков прават циркус од државата, доста е!

Жестоката реакција на јавноста спречи обвинетиот Сашо Мијалков да избега од лицето на правдата, вели претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. По пресвртот во случајот со Мијалков, кој доцна попладнево сам се појави пред Обвинителството, Мицкоски вели оти токму тоа било доказ дека зад целиот циркус се криел договор со Заев и оти помеѓу нив двајца постоела криминална коалиција.

„Денеска стана совршено јасно дека договор имаат. Прво се договорија да избега, па се договорија да се врати, со посебен третман, со насмевка, со шамар за полицијата, судот, Обвинителството. Со шамар за власта. Вечерва недостасуваше уште да му се извинат, бидејќи тој им се извини ним. Бегалецот од правдата наместо ефективен притвор доби куќен притвор, а Вилма рече дека истрага за бегство нема да има“, рече претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Правда ќе има во оној момент кога Заев и Мијалков ќе бидат во затвор, рече лидерот на ВМРО ДПМНЕ и додаде оти граѓаните плаќаат прескапа карта за циркусот кој Власта им го сервира и си игра со нивната судбина.

„Во оваа држава мафија владее и затоа час поскоро ни е потребно општествена, народна поддршка оваа мафија да ја собориме. Оваа мафија не може да ја однесе Македонија таму каде што ветува, напротив од ден на ден се движиме само во спротивна насока. Денеска слушнавме на отворена сцена, како Зоран Заев ги вовлече сите институции во проблем, лажејќи ја македонската јавност и гледајќи ја во очи дека всушност тие си ја вршеле својата работа. Да не е смешно ќе беше трагично. Една катастрофа на отворена сцена. Уште па така горделиво вели дека тој ја предводел акцијата. Ова е целосно фијаско, ова е плукање по институциите, ова е плукање по демократијата, ова е плукање по правдата“, рече Мицкоски.

Претходно тој најави оти во Собранието ќе побараат недоверба на Владата и ги повика и пратениците од власта да ја поддржат иницијативата за формирање на техничка влада која до есен ќе обезбеди терен за фер и кредибилни предвремени парламентарни избори.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста