Мицкоски: Ќе има уште провокации, но бидете сигурни, ќе одговориме жестоко на обидите за дестабилизација
Владата ќе одговори жестоко на сите провокации и обиди за дестабилизација, порачува премиерот. Христијан Мицкоски го осуди сквернавењето на државното знаме и додаде дека очекува вакви провокации и во иднина, но апелира граѓаните да останат мирни и да не дозволат да бидат вознемирени од, како што рече, „мала, изолирана и манипулирана група од оние кои ги штитат своите милиони“.
Нема да биде изолиран случај, очекувајте дека ќе има и во иднина, бидејќи како правдата полека, но сигурно се доближува до криминалците и како правдата ќе затропа на нивните врати, така тие ќе стануваат понервозни, понетрпеливи и единствениот начин да го одбранат криминално стекнатиот капитал е токму вака, со манипулирање и предизвикување ваков тип на инциденти, вели Мицкоски.
Премиерот и честиташе на полицијата за „навремената, трезвена и државничка акција“. Рече дека имале информации оти вакви провокации ќе има токму на Денот на албанското знаме за што ги предупредиле и нашите стратешки партнери.
Ако мислат дека се недопирливи и ако мислат дека ова што го зборуваме не е вистина, мислам дека силно ќе се разочараат и ќе бидат сведоци уште во првиот обид, за овие коишто во текот на вчерашниот ден беа приведени, но и оние кои во текот на денот и во деновите коишто следуваат, а за кои постојат докази за сторено кривично или прекршочно дело ќе бидат, исто така, приведени, вели Мицкоски.
Сквернавењето на знамето беше осудено од сите политички партии.
ВМРО-ДПМНЕ прстот го впери во СДСМ и ДУИ. Ги обвини дека глумат загриженост, а истовремено подбуцнуваат групи да дивеат и да внесуваат раздор.
Интегративците и социјалдемократите со спротивставени ставови – ДУИ тврди дека полицијата ги испровоцирала хулиганите да го запалат знамето зашто неоправдано интервенирала, а СДСМ тврди дека МВР не направило доволно.
Коалицијата ВРЕДИ порача граѓаните да не дозволат да бидат инструментализирани од оние кои по губењето на власта го изгубиле и сопствениот пат.
Осуди стигнаа и од ЗНАМ, ЛДП и Алијанса за Албанците.
Инаку Демократската Унија за Интеграција со месеци најавуваше протести – првин за балансерот па потоа и за законот за јазиците. Очигледно планот да извадат луѓе на улица не им успеа па преминаа на втора опција – поттикнување етнички тензии преку провокации за да привлечат внимание и повторно да се факторизираат на политичката сцена. За ова уште пред неколку месеци предупредуваше и премиерот.