Мицкоски: Ќе го ревидираме договорот за „ГА-МА“ кога ќе ја преземеме власта, за нас случајот не е затворен

Иако во Собранието со 60 гласа ЗА помина законот за спорниот случај ГАМА, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски вели за нив овој случај не е затворен. Штом дојдат на власт планираат да го ревидираат договорот каде државата на Макпетрол и исплаќа сума повеќе од што треба за да има целосно сопствеништво на гасоводот. Вели ќе почнеле и истрага за да се види како се трошеле народните пари од Заев.

Државата плаќа повеќе од 32 милиони евра за таа 1 акција која што би требало по логиката на нештата, по пазарната цена да ја плати за 18 милиони евра, тоа се дури повеќе од 14 милиони евра повеќе од тоа што е пазарната цена. Тоа е исто речиси двојна, тоа е исто како вие да појдете во маркет и пазарувате за вашиот дом, за вашето семејство, цената е 3.000, 4.000, 5.000 денари, а вие да речете – не сега сакам да ви платам 6.000, 10.0000 или 12.000 денари, вели Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Оценувајќи ја економската состојба во минатата година, Мицкоски вели дека сликата е катастрофална, странски инвестиции нема, нема ни стратегија, ама имаме огромни задолжувања.

Ако ја видите завршната сметка на Буџетот од 2020 година ќе видите дека буџетскиот дефицит е речиси 54 милијарди денари или тоа е еднакво на 900 милиони евра. Што значи успеавме да спасиме 100 милиони, затоа позајмивме 900 милиони. Но, тие пари не ги враќа Фатмир Бесими или Заев, ќе ги враќаме ние – граѓаните. И затоа граѓаните се сѐ посиромашни, а политичарите се сѐ побогати, вели Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Првиот човек на опозицијата вели дека лоша и сликата и кај земјоделците, тутунарите биле излажани од владејачката гарнитура, исто и оризарите, лозарите, овоштарите. Тоа резултирало со пониски откупни цени, протести, револт кај земјоделците.

Така што ова беше една навистина тешка година и тоа е резултат на немањето стратегија, на немањето визија во земјоделието. Практично и ценам дека таков тип визија и стратегија ниту, пак, ќе има во иднина, бидејќи не ја гледам, ако ја погледнете и програмата на СДСМ ќе видите дека такво нешто нема, тоа е една бледа копија на дел од поранешните програми на ВМРО-ДПМНЕ. Така што, како заокружување на одговорот на прашањето, очекувам допрва да ескалираа револтот на земјоделците, вели Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски во интервјуто за Нетпрес се осврна и на пандемијата и справувањето на власта со вирусот, вели земјава е прва според црните показатели во оваа здравствена криза, а никој не презема одговорност. Вакниците доцна се набавуваат, а тоа чини човечки животи.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста