Мицкоски: Ќе доставиме ново барање за анкетна, со „северна“, вистината за пожарот во Тетово мора да се дознае

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе нов предлог за формирање анкетна група во законодавниот дом, која ќе треба да ја утврди фактичката состојба и политичката одговорност за трагедијата во тетовската ковид болница.. Овој пат, барањето ќе го поднесат со придавката „северна“, отако вчера,  спикерот Џафери им го одби предлогот, бидејќи не бил поднесен со новото уставно име на државата. Лидерот на партијата, Мицкоски смета дека власта бара изговори како да го одбие барањето на ВМРО-ДПМНЕ и Џафери нема намера да закаже седница затоа што не сака да се открие вистината за трагедијата во Тетово.

Јас не зборувам тука за ефекти. Јас зборувам за трагично изгубени човечки животи, 14 се на број и гореа живи, јас не за политички ефекти. Еве јас нека бидам тој што политички штета ќе понесе. Еве јас нека бидам тој што ќе одговара политички. Што сега треба да бараме форма зошто не сме ја поднеле со новата придавка? Еве ќе поднесеме ново барање ние нека ја трпиме таа политичка штета, само нека се открие вистината за загубените човечки животи. Политичката одговорност ќе ја понесам јас само нека се открие што побрзо кој е виновен за оваа несреќа и да се сноси одговорност вели Мицкоски.

Мицкоски останува на тврдењата дека промените кои ги направила власта во Законот за градба, дозволиле модуларната болница во Тетово да се постави „на диво“ и дека не се потребни меѓународни истраги, ниту странски комисии бидејќи е јасно кој е виновен.

Што правиме ние истраги, меѓународни, вакви или такви? Нема никаква потреба за тоа. Одговорноста почнува од првиот во институцијата па надолу, затоа што нема правилник. На диво е направена модуларната болница, на диво е приклучена и на диво е пуштена во употреба и 14 луѓе живи гореа.Владата што направи? Го смени Законот за грдање. На 24 ноември 2020 во Службен весник беа објавени измените со кои се заобиколија сите институции и се формира нова градба – модуларна или монтажна/демонтажна градба и вели за ваквите градби нема потреба од одобрение, туку решение за поставување. Кои документи се потребни како прилог на тоа решение за поставување или ќе се дефинира со правилник за кој е одговорен министерот за здравство. Го видел ли некој то правилник и што предвидува? , рече Мицкоски

Поддршка на барањето на ВМРО-ДПМНЕ дадоа и од албанскиот опозициски блок бидејќи како што велат, добредојдена е секоја иницијатива внатре и надвор од Собранието што оди во прилог на расветлување на вистината за трагедијата. Според првиот човек на Алијанса за Албанците, Зиадин Села кај одговорните  за несреќата нема морална па затоа мора да има кривична одговорност.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста