Мицкоски: Исполнето е едно од клучните ветувања на владата, општините го добиваат првиот дел од 250 милиони евра за реализација на капитални инвестиции
Изградба на училишта, градинки, спортски сали, инвестиции во локални патишта , нови водоводи – Потпишани се договорите меѓу владините министерстства и општините за реализација на 274 проекти, во вредност од 4,1 милијарда денари или над 65 милиони евра. Ова се проекти на општините кои ги исполнија условите на јавниот повик во вкупна вредбност од 250 милиони евра.
Во делот на ресорот транспорт општините за изведба на проектите, добија 2 милијарди и 800 милиони денари или речиси 33 милиони евра. За изградба на инфраструктурни објекти од делокругот на образование и наука, се одделуваат 133 милиони денари или над два милиони евра, во социјална политика демографија и млади, односно проекти за изградба на градинки одат 59 милиони денари, или над 950 илјади евра, а проектите во секторот на култура и туризам добија 200 милиони денари или над 3 милиони евра. Владата финансира и проекти од областа на животната средина и просторно планирање во висина од речиси 630 милиони денари или над 10 милиони евра.
Ова е наше клучно ветување до граѓаните и е доказ за нашата посветена работа за инфраструктурни инвестиции и директна поддршка на илјадници граѓани. За само три месеци овој проект станува реалност и сега почнува процесот на она што ќе придонесе за промена на тешката реалност и отсуството на поддршка на општините. Ова е историска најголема инвестиција на централната власт за локалните самоуправи и ќе продолжат јавните повици се до целосно искористување на предвидените 250 милиони евра, рече Мицкоски.
Засега средства не добија Струмица, Сарај, Град Скопје и Теарце . Овие четири општини имаат дополнителен рок до 15-ти ноември за да аплицираат со комплетна документација на јавниот повик, со што премиерот Мицкоски очекува дека бројката на проекти ќе надмине 300. Градоначалникот на Општина Струмица пак обвинува дека станувало збор за политичка одлука и токму поради тоа Костадинов најави излез од ЗЕЛС. Мицкоски смета дека тоа е погрешен чекор и не треба да биде лична одлука на градоначалникот, туку во согласност со советот
премиерот најави дека за следната година во рамките на Буџетот се предвидени дополнителни средства за капитални инвестиции во општините . Тој на градоначалниците им соопшти дека до година ќе бидат одвоени средства во висина од околу 130 евра по жител, а сега износот е 44 евра. Со ваквата распределба се очекува во 2025 сумата за локални проекти да изнесува околу 15 милијарди денари.