Мицкоски и Николоски на средби во Унгарија: Значаен проблем за граѓаните се сиромаштијата и корупцијата, земјата чека предолго пред портите на ЕУ, побарана поддршка за напредок

Денес (19.01.2021 година) претседателот на ВМРО ДПМНЕ проф. д-р Христијан Мицкоски и потпретседателот Александар Николоски во Будимпешта остварија работен ручек со Претседателот на комитетот за надворешни работи на Парламентот на Унгарија Золт Немет и пратеникот на Фидес Габор Домос.

Инаку Немет е и еден од основачите на сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, унгарската Фидес, во два наврати државен секретар за надворешни работи, актуелен пратеник и шеф на делегацијата на Унгарија во Советот на Европа.

На средбата се разговараше за актуелните предизвици на државата на патот кон ЕУ, парламентарната соработка на ниво на сестринските партии, како и актуелната здравствена и економска криза.

Од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, беше истакнато дека граѓаните на Македонија премногу долго чекаат на забележителен напредок на патот кон ЕУ, а сето тоа покрај евидентираниот недостаток на реформи, лош стандард и недостаток на правда, е отежнато и со ветото од Бугарија.

-Друг значаен проблем е катастрофата што се случува во економијата и исклучително високиот степен на корупција која поминува неказнето што е една од причините кочничар за напредок на државата на патот кон ЕУ, истакна Мицкоски.

Мицкоски ја изрази загриженоста од лошата економска состојба и рецесијата во која се наоѓа нашата земја. Граѓаните очекуваат посигурна иднина и можности за развој, наместо тапкање во место.

Од страна на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ во делот на работата на Парламентот беа истакнати злоупотребите кои се прават од власта во повеќе сфери, како и во делот на употребата на законите со европско знаменце како начин да се замолчи опозицијата и без консензус да се протуркаат клучни законски решенија, како што е законот за попис.

Николоски истакна дека сите конструктивни предлози на ВМРО-ДПМНЕ врзани за пописот беа одбиени и нема таков случај во Европа каде влада без консензус со опозицијата турка попис што е јасен показател дека власта нема чесни намери.

-ВМРО ДПМНЕ е за објективен попис кој треба да се спроведе согласно професионалните стандарди применети во напредните европски државни, истакна Николоски.

На средбата беа констатирани добрите односи помеѓу двете сестрински партии како и можноста тие дополнително да се продлабочат. На Македонија и требаат пријатели и размена на искуства и знаења особено во економијата, здравството и другите полиња.

Мицкоски се заблагодари за досегашната поддршка и побара од унгарските пријатели да ги искористат своите позиции за поддршка на европските интеграции на државата.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста