Мицкоски: Филипче до вторник да ја поднесе оставката до Собранието или ќе поднесеме предлог за негово разрешување

Бурни реакции и негодувања во јавноста по вчерашното соопштение на премиерот Зоран Заев дека за оставките на Филипче и на Хасани ќе решавал откако ќе ги видел резултатите од истрагата. Збунети и во неверување, граѓаните прашуваат зошто премиерот не се одважи да излезе пред новинарите и како тоа првиот човек на Владата ги добивал одлуките на истражните органи, кога за нив е надлежен единствено судот.

Преку социјалните мрежи реагираат дека Заев очигледно ги меша поимите морална и кривична одговорност, но и го потсетија премиерот оти заборавил дека неговите функционери би можеле да влијаат на истрагата од позиција на моќ.

И опозицијата се сомнева дека истрагата за пожарот би можела да биде објективна и неутрална.

„Кои се обвинителите кои го информираат премиерот за истрагата? Не е ли и тој во кругот на лица за кои треба да се спроведат предистражни дејства? Знае ли премиерот кои лица би биле сведоци на Обвинителството, ќе му ги каже ли на својот другар и бизнис партнер? Ќе влијаат ли тие сведоци од позиција на моќ? Ќе организираат ли одбрана? Можат ли од позициите кои ги имаат да кријат и менуваат документи?“, прашува претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски, прашува зошто Филипче и Хасани оставките не ги понудиле до Парламентот како што е редот и најави дека во вторник, пратениците од опозицијата ќе бараат нивно разрешување во собраниската сала.

„Предлог одлуките за разрешување ќе бидат доставени во вторник пред одржување на веќе закажаната седница, со барање да бидат ставени токму на дневен ред на истата. Штом премиерот Заев си подигрува со Собранието и не ги доставува оставките до органот којшто е надлежен и органот којшто ги избрал министерот и неговиот заменик, тогаш ќе одиме по оваа процедура. Мора да се обезбеди и гарантира независна истрага“, вели Мицкоски.

Катастрофалниот пожар во тетовската модуларна болница, во која животот го загубија 14 лица, изби ноќта на 8 септември додека целиот државен врв уживаше во дефилето на прославата за 30 години од независноста на Македонија.

Заев и Филипче се појавија пред модуларната болница уште истата вечер, но беа исвиркани од граѓаните. Ден подоцна Филипче се правдаше дека болницата била изградена согласно сите стандарди и рече оти ќе ја чекал острагата пред да поднесе оставка. Сепак, под притисок на јавноста, првиот човек во здравството ја понуди својата оставка до премиерот.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста