Мицкоски: Европските вредности и стандарди стануваат се подалечни, пратениците треба да ги корегираат политиките на старо-новата влада

Ми претставува особена чест и задоволство да ја отворам денешната Обука со тема: „Зајакнување на капацитетите на новоизбраните пратеници“. Најпрвин, задоволство ми е што после завршениот изборен циклус, и во специфични здравствени околонсти, продолжува динамичната соработка со нашата партнерска организација „Конрад Аденауер“, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

-Фондацијата „Конрад Аденауер“ е традиционален партнер на ВМРО-ДПМНЕ која во изминатите 20 години има вложено многу во зајканување на капацитетите на нашата политичка партија. Таа соработка ја цениме и ќе продолжиме со засилена динамика да ја развиваме и негуваме. Обврската пред новиот пратенички состав е мошне сериозна. Македонија е пред отворање на пристапни преговори со Европската унија, но истовремено се соочуваме со здравствени, економски, социјални и образовни предизвици кои се од голем размер.  Човекот учи додека е жив и најдобро е ако учи од туѓите искуства, бидејќи така спречува да ги повторува истите грешки. Македонија не смее да си дозволи нови изгубени години, затоа што тоа се нови изгубени генерации и послаби капацитети. Предизвиците кои стојат пред сите нас се глобални, но и внатрешни, поврзани со лошото владеење, злоупотребата и нефункционалноста на институциите. Токму со силен капацитет нашата пратеничка група треба да биде истовремено и коректив на сите погрешни чекори на актуелното парламентарно мнозинство, но истовремено да нуди и мерки и решенија кои ќе обезбедат просперитет, стабилност и поквалитетен живот за нашите сограѓани, потенцира Мицкоски.

Тој додава дека овој пратенички состав пред себе ќе биде исправен со сериозен предизвик да корегира политики на една старо-нова влада која покажа исклучително низок капацитет во справување со барањата потребите и проблемите на граѓаните. Македонија за жал овие три години назадува, стана најкорумпираната држава во Европа, а има и пад на листата на дуинг бизнис, што говори дека сивата економија и криминалот сериозно удираат по стабилноста и просперитетот на Македонија. Заради ваквата состојба имаме сериозен пад на економијата и стандардот на граѓаните кој дополнително го влошуваат со непромислени потези како поскапување на електричната енергија, но истовремено сме земја од која најголем број млади сакаат да се отселат.

-Европските вредности и стандарди стануваат се подалечни за нашиот народ, бидејќи таму кај што царува криминалот, селективната правда и сиромаштијата, таму нема напредок. Колку порано се застане на патот на оваа деструктивност, толку побрзо ќе се фати патот на успехот и благосостојбата. А вие како пратеници сте ја добиле поддршката од народот за тоа да работите и за тоа да се борите. Ваквите искуства ќе бидат драгоцени да вградиме секој свој сегмент во мозаикот наречен европска Македонија, затоа што со својот личен придонес за промоција на европските искуства и вредности ќе помогнете Македонија побрзо и поуспешно да излезе од вртлогот на безредието и да чекори кон подобро утре на нашите идни генерации. Во таа насока, денешната обука, која ќе ја предводат голем број експерти со практично и теоретски искуство во работата на законодавниот дом треба да биде поттик за сите вас присутни денес да го инвестирате сиот свој потенцијал и претходно знаење во насока на градење на силна и европска Македонија. Уште еднаш голема благодарност до организаторите на денешниот настан, рече Мицкоски.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста