Мицкоски: Доста е веќе двојни стандарди врз грбот на оваа мала држава, само се иживуваат со нас
Европската Унија повторно покажа дека има двојни стандарди и крајно време е да престанат условувањето за Македонија. Внесувањето на Бугарите во Уставот, кое е причината што Македонија повторно остана во чекалната, не стои како усвлов ниту во Договорот за добрососедство. Македонскиот државен врв е согласен дека иако државата сака да преговара, очигледно некој нема чесни намери.
- „Доста е веќе двојни стандарди врз грбот на оваа мала држава. Само се изживуваат со нас. Сакаме да преговараме. Што е толку тешко да с еприфати нашиот предлог и овие уставни измени да бидат ефективни кога бугарскиот Парламент ќе го ратификува пристапниот протокол за нас во ЕУ. Очигледно дека некој нема чесни намери“, истакна премиерот.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, пак, на средбата со колегите од регионот и високи претставници на ЕУ во Њујорк посочила дека иако Македонија досега била најпослушна во спроведувањето на обврските за возврат не сме добиле ништо.
Опозициската СДСМ, која донекаде е и виновна за ова вето, затоа што додека беше на власт даде ветување за промена на уставот без да се консултира со народот, сега ја обвинува новата влада, која практично е на власт е само 3 месеци, дека доживеала пораз. За нив раздвојувањето на Македонија и Албанија од заедничкиот европинтегративен пат е катастрофа за иднината на граѓаните.
- „Вистинската намера е дека ниту имаат план, ниту сакаат државата да напредува и да се развива во Европската Унија. Велеа, планот ќе се соопштеле откако ќе победат на изборите. Па еве денес, откако доживеавме тежок пораз, ги прашуваме, кој е планот? Кои се роковите на планот ако воопшто постои? До кога ќе бидете фиктивна опозиција во државата и нема да преземете одговорност и чесно да кажете што ќе се случува со оваа земја?“ рече Филипче.
Од владиниот коалициски партнер Вреди порачуваат дека Македонија останува посветена на евроинтегративниот пат.
Во истовреме, обидите за дестабилизација можно е да има, но државата ќе одговори како што треба, велат од Владата за евентуалните намери за нарушување на безбедноста на Македонија по раздвојувањето од Албанија на европскиот пат.