Мицкоски до Заев: Ако прифатите лошо решение со Бугарија ќе ви се случи народ

На Заев ќе му се случи народ доколку Владата преговара за решение кое ќе го негира нашиот идентитет, историјата, нашиот македонски народ, неговата посебност, порача лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Тој вели дека не смее да се преговара за македонските национални херои, но и за откажување од малцинството во Бугарија. Мицкоски исто така најави дека ќе му ја стегне раката и честита на Заев доколку преку преговорите успее да ги заштити национални интереси.

-Ние како нација и држава не можеме да прифатиме да се самопорекнеме или самоодречеме по секоја цена не смееме да дозволиме да се самоизбришеме, јас би рекол по ниту една цена. Мора некогаш да се каже доста е на лазењето по нерви и навредливата реторика, во која ние Македонците, ќе се повлекуваме и постојано ќе губиме. Доста е од тоа како држава да даваме се, а да не добиваме ништо, изјави Мицкоски.

Мицкоски вели дека токму Заев е причина за уцените од Бугарија, бидејќи уште во 2016-та година само за да дојде на власт ветувал се и сешто на бугарската Влада. Според опозицискиот лидер, Заев прифатил услови и уценувања, кои не ги прифатил ниту една Влада или претседател претходно.

-При една средба со еден, а верувајте многу висок претставник во Владата кај нашиот источен сосед, истиот ми рече не бараме повеќе од она што Зоран Заев ни го има ветено пред изборите во 2016 година. И тие знаат дека со Заев имаат неповторлива шанса да добијат решение какво ниту една македонска Влада овде не би постигнала, изјави Мицкоски.

Мицкоски вели и дека Заев мора да биде чесен и отчетен и пред граѓаните да каже за што преговара со Бугарија.

-Заев и Владата преговараат без притоа да имаме општ политички консензус внатре за едно вакво важно прашање. Затоа меѓудругото барав лидерска на која ќе дискутираме и за преговорите со Бугарија, затоа беше заеднички да настапиме, затоа што не може еден човек да зборува во името на сите и да мисли дека може прифаќа нон пејпери кои никогаш не сме ги анализирале, изјави Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ изрази надеж дека сепак во декември ќе се одржи првата меѓувладина конференција, велејќи дека Македонија тоа го заслужувала и Европската унија го должела тоа на македонските граѓани.

Матеја Петровски