Мицкоски даде рок до 10 мај Ковачевски да одговори дали ќе прифати средба за предвремени избори

Или лидерска средба со Ковачевски или радикални и до сега не практикувани чекори – најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Му даде ултиматум на премиерот од 10 дена – да седнат на иста маса и да се договорат за предвремени парламентарни избори за излез од кризата.

„Доколку ја одбие и оваа порака, за средба за излез од националната катастрофа која живее Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ќе заседава и потоа следат сериозни и досега непрактикувани чекори. Доколку биде одбиена средбата ќе се покаже дека државата има отсуство на било какво лидерство, а народот ќе мора да дојде по своето. Затоа што сето ова како што имаше почеток има и свој крај. И порака до меѓународните пријатели алармот одамна веќе свети на црвено“ – изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски повика на обединување со оглед на моменталната состојба во државата на бројни кризи, но и сите понижувања кои Македонија ги трпи од бугарските политичари. Според него, премиерот Ковачевски бил подготвен да ги прифати сите барања на Бугарија со што уште еднаш ќе значи откажување од македонската историја . И ако има отворање на Уставот за да бидат вметнати Бугарите, ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи без претходни писмени гаранции за нашата историја, за нашиот македонски јазик.

„Јас сум апсолутно свесен дека Ковачевски е подготвен да потпише се само чека да види дали Петков ќе може тоа да го помине во Бугарија. И тоа најверојатно во овој пластелин, наш вештачки парламент ќе помине, но за промени во Уставот им требаат две третини, тоа ВМРО-ДПМНЕ нема да го дозволи“ – изјави Мицкоски.

Доколку Ковачевски и Мицкоски договорат датум за предвремени парламентарни избори – ВМРО-ДПМНЕ ќе формира четири работни групи кои заедно со работните групи во Владата ќе работат про боно за подобрување на економијата, здравството, надворешната политика и образованието.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста