Мицкоски: Бугарија со овие позиции сака да не асимилира додека влеземе во ЕУ, владата треба да внимава што прифаќа

Или ќе се бугаризираме и како такви ќе влеземе во Европската Унија, или нема за нас почеток за преговори – првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со остра реакција откако бугарскиот премиер јавно кажа дека Бугарија нема намера да го тргне ветото за Македонија до Самитот во јуни. Мицкоски е дециден дека тоа што сега го прави бугарскиот државен врв е она за што опозицијата предупредувала целиот овој период, дека македонските власти не само што ќе дозволат ново отворање на уставот, туку се подготвени и да ја ревидираат македонската историја.

-Нашите билатерални проблеми и сите оние барања што ги има официјална Софија ќе влезат во преговарачката рамка, што значи дека или ќе се асимилираме односно ќе се Бугаризираме и како такви ќе влеземе во Европската Унија, или нема за нас Европска Унија и покрај тоа што ќе се случи таа прва меѓувладина конференција, но јас сум убеден дека земјите членки на ЕУ тоа нема да го дозволат бидејќи многу пати во минатото истите тие земји членки кажаа дека билатералните проблеми се само билатерални проблеми и тие никако не можат да бидат мултилатерални односно проблеми на земјите членки на ЕУ со земјите кои што се аспиранти, односно кандидати, вели тој.

Реакцијата на Мицкоски следува откако бугарскиот премиер Кирил Петков во изјава за бугарските медиуми испрати нова закана до властите во Скопје дека Бугарија нема да го тргне ветото, туку ќе го одложи дополнително.  Петков и во нова изјава вели дека бугарската влада немала да подлегне на провокациите за да се разнишаат односите меѓи двете земји, ама останува на ставот дека Македонија ќе биде во Европската унија најрано после 10 години, а дотогаш земјава требало да ги исполни сите нивни барања.

-Има многу луѓе кои се обидуваат да ги разнишаат добрите односи меѓу Бугарија и Македонија. Нашата влада нема да подлегне на вакви лесни провокации, кои се обидуваат да се случат од двете страни. Имаме една заедничка цел – Македонија да биде европска земја, добар сосед. Заедно можеме да создадеме економски раст и сите овие националистички повици и провокации само треба да ги игнорираме за да одиме напред, вели бугарскиот премиер Кирил Петков.

Иако Бугарија врши притисок врз Скопје за исполнување на нивните барања, сепак топката е сега во рацете на земјите членки на Унијата, односно каква одлука ќе биде донесена на Самитот во јуни, откако Албанија неколкупати побара одвојување од Македонија од пакетот за почнување на преговори, а Бугарија повторно се заканува дека нема да го тргне ветото поради неоспонување на обврските од Договорот за добрососедство. 

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста