Мицкоски бара итни предвремени избори: Владата на СДСМ и ДУИ нема веќе легитимитет и кредибилитет

Итни предвремени парламентарни избори, побара лидерот на опозицијата, после победата на локалните избори. Христијан Мицкоски смета дека по неделата, Владата предводена од СДСМ и ДУИ, веќе нема легитимитет меѓу народот. Според првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, потребни се брзи избори, за стабилна Влада која ќе ги решава проблемите и ќе ја извади државата од криза. Мицкоски потенцира дека оставката на Заев не е доволна, бидејќи повторно ќе останат истите министри, велејќи дека повторно Венко Филипче неуспешно ќе го води здравството, а Мила Царовска ќе продолжи да го уништува образованието.

-Оваа Влада го има целосно изгубено кредибилитетот и легитимитетот пред главниот стопан во Македонија, а тоа е народот. Тоа се виде на последните локални избори каде што два пати во две недели беа жестоко поразени од  народот. Така што секое понатамошно продолжување значи нефункционални институции, значи дополнителен криминал и корупција, малкумина кои себеси ќе се нарекуваат министри и директори, ќе профитираат на сметка на несреќата на 100-тици илјади наши граѓани, изјави Мицкоски.

Мицкоски е на ставот дека ново парламентарно мнозинство не е решение, бидејќи таква Влада нема да може да работи со целиот свој капацитет.

-Сметам дека првата опција формирање на ново парламентарно мнозинство нема да даде нова енергија потребна за реформите, новата иднина која ќе ја градиме и решавање на овие наталожени проблеми, тоа само ќе не внесе во нови разговори, преговори, понуди и слично, кои ќе го разводенат капацитетот за управување на институциите и ќе се креира погрешна слика која нема да ја пресликува волјата на народот изразена на изборите кои што туку завршија, изјави Мицкоски.

Останува отворено прашање дали власта ќе го прифати ова барање на опозицијата. СДСМ и нивните коалициони партнери неколку пати повторија дека се против предвремени избори. Став што го кажа и самиот Заев, кога ја најави оставката. Барајќи ги изборите, Христијан Мицкоски проговори и за Преспанскиот договор. Вели тој е понижувачка реалност за Македонија, која ќе се обидат да ја променат во преговори со Грција.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста