Мицкоски: Власта сериозно удира по стандардот на граѓаните
Власта сериозно удира по стандардот на граѓаните, обвинува опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, откако поранешниот премиер Зоран Заев предложи сите вработени во државната и општинска администрација да работат за минималец во наредните два месеца. Мицкоски вели дека Заев со овој план се обидува неспособноста на владата да ја плати со трудот на работниците, на кои драстично ќе им ја скрати платата.
–Мерката за драстично кратење на платите преставува сериозен, повторувам сериозен удар за стандардот на вработените. И ова кратење требаше првенствено да започне од министрите, замениците министри, директорите, градоначалниците, именуваните функционери, а не во ист кош да се ставаат кога треба да има кратење на платите функционерите и работниците, изјави Мицкоски.
Мицкоски предложи мерки за справување со економската криза која ја носи коронавирусот. Побара покрај 600-те милиони евра кои ќе бидат позајмени, преку државните хартии од вредност да се активираат уште 400 милиони евра. Опозицијата побара и итно замрзнување на кредитите за физичките и правните лица, како и стопирање на непродуктивните трошоци од страна на власта.
–Државата да покрие до 50% од бруто трошоците за вработените, по основ на нето плати и придонеси, а не само нето плати како што предлага СДСМ. Впрочем и таа помош за половина нето плата која ја предлагаат и не е половина бидејќи таа е ограничена на 14.500 денари. Бараме целосно да се замрзнат плаќањата на рати по основ на отплата на главнина и камати на граѓаните и бизнисот кон банките и заемодавателите, изјави Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ дава поддршка за предлогот на министерката за правда Рената Дескоска, да се скратат парите за партиите оваа година, но ги повика и сите функционери до крајот на својот мандат да се откажат од своите плати и хонорари, односно да работат про боно.
Матеја Петровски