Мицкоски: Владата ќе го задолжи секое семејство за 1.500 евра, а сега делат ваучери од 150 евра поткуп кој не може да го исплатат

Мерките на Владата се недоволни, ненавремени, парите потрошени, а секое семејство ќе биде позадолжено за 1.500 евра до крајот на годината – обвинува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој го оцени третиот пакет мерки како магла која Владата ја сее пред избори. Тврди дејка ниту една компанија не е задоволна од мерките. Во меѓувреме, обвинува, дека Владата го зголемила буџетскиот дефицит за рекордни 200 милиони евра за само 4 месеци. Мицкоски смета дека фактот што била направена дупка во државната каса од 20 милиони евра во јануари, по 50 милиони во февруари и март и дури 80 милиони евра во април, бил доволен показател дека владата немала ниту во момент намера да им помогне на граѓаните и бизнисот, туку единствена цел била предизборен поткуп. Мицкоски вели дека секое семејство за само 4 месеци, Владата го задолжила за 400 евра, а до крајот на годината оваа сума ќе достигне 1.500 евра по домаќинство. Тврди дека јавниот долг значително ќе се зголеми.

Мицкоски обвинува дека бројките ги побиваат тврдењата на надлежните кои зборуваат за робусна и интензивна реализација на капиталните инвестиции. Изградбата на патишта, мостови, болници, училишта изнесувала 13% за 4 месеци од планираното за цела година. Вели дека лани потфрлањето било уште поголемо, само 11% од планираното, а во 2018-та 14%. Потенцира дека бројките на претходната Влада биле драстично поинакви, 27% во 2017-та и 19% во 2016-та година. Според него, разликата е евидентна и покажува дека Владата има лажен ПР, но не и одржлива долгорочна стратегија.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста