Мицкоски вети сигурна победа и милијарди евра за подобрување на животот на граѓаните

Придружете се во овој бран на промени и верба во принципи. Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, да застанеме заедно зошто само така ќе ја донесеме обновата, им порача лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски на граѓаните на денешниот голем народен собир што се одржа во салата Јане Сандански во Скопје.

– Ќе донесам правда. Правдата која ќе стане наш заштитен знак, наш бренд нејм. И колку сега сме обвиени во неправда мојот мотив е уште посилен да се спротивставиме на мафијата и оној трул систем кој не влече надоле. Затоа што имаме неправда, пред се кон обичниот народ кој е заглавен низ судските лавиринти, кој трпи не само законска туку и морална неправда. Не смее да имаме невини луѓе во затвор, патриоти кој се таму само затоа што ја сакаат Македонија, да имаме по затворите луѓе кои ограбиле трафика со повисоки казни од оние кои го ограбиле народот – рече Мицкоски.

Мицкоски најави дека со доаѓањето на власт на ВМРО ДПМНЕ, два пати годишни ќе се покачат пензиите, вети проекти за енергетската ефикасност, странски и домашни инвестиции и капитални проекти.

-Ви ветувам дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ во четиригодишниот мандат ќе реализира проекти, капитални инвестиции за развој на нашата мила Македонија во вредност од не помалку од 2 милијарди евра. Тоа јас ви го ветувам. Реализирани проекти, не бројки на хартија. Реализирани, осмислени, испорачани проекти. За економија со брз раст, за сигурна иднина на нашите граѓани. Се обврзувам и ви ветувам дека идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во својот мандат ќе испорача проекти во вредностпреку странски инвестиции и домашни инвестиции во вредност не помала од 4 милијарди евра. Се обврзувам овде пред вас – истакна Мицкоски.

Лидерот на ВМРО ДМНЕ истакна дека е очекувано после три години власт предводена од Зоран Заев, народот да биде разочаран од политичарите, но потенцираше дека не се сите исти. Тој вети и инвестиции во образованието, а наместо како што рече криминални тендери во здравството, за нови замислени клинички центри, повеќе од 2 милијарди евра во еден мандат инвестиција во здравството и во медицинскиот кадар.

Денешниот народен собир под мотото Обнова за Македонија е финишот на повеќемесечните каравани кои опозициската партија ги имаше низ државата. Мицкоски уверува дека ВМРО ќе победи на 12 април, а со тоа ќе се стави крај на владата на Заев бидејќи неговото владеењето  значи повеќе пари за СДСМ а за народот поголема сиромаштија, истакна Мицкоски.

Катерина Гетева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста