Мицкоски со мерки за инфраструктурен бум, нов автопат Велес – Битола

Градежен бум, односно 2 милијарди евра инвестиции во патишта или половина милијарда евра вложувања за секоја година од мандатот. Ова се ветувањата за инфраструктурни проекти на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на партијата, Христијан Мицкоски вети ново автопатско поврзување на Велес со Битола, реконструкција на над 1.000 километри регионални патишта и изградба на 150 километри експресни патишта. Од нив, ќе има нови експресни патишта на релациите Куманово – Крива Паланка, Битола до грчка граница, Струмица до бугарската граница. Треба да се дозавршат и автопатските делници Скопје-Блаце и Кичево – Охрид, како и започнатите експресни патишта. 300 милиони евра ќе се вложат во водоводна и канализациона мрежа, а ќе се доизгради и пругата од Битола до грчката граница, како и долгоочекуваната железница до Бугарија. Мицкоски најави и купување на 5 нови возови, нови евтини авиолетови, како и прекуокеански летови од Македонија.

За бизнисот, пак, клучни проекти се автопатите од Скопје до Блаце и Кичево – Охрид. Мицкоски вели дека сите проекти ќе бидат вметнати во новата предизборна програма на партијата со конкретни рокови за изведба.

Стопанствениците од комората на северозападна Македонија денеска му поднесоа бројни предлози на Мицкоски од клучно значење за бизнисот. За нив, приоритет е борбата со сивата економија и гарантирање на владеење на правото во земјата. Сметаат дека бројните инфраструктурни проекти ќе им помогнат на фирмите, а го поздравуваат враќањето на рамниот данок, но и најавите на Мицкоски за негово намалување до 8%.

Според Мицкоски, 12-те нови проекти за обнова на инфраструктурата ќе бидат сериозна инјекција за градежништвото. Тој очекува раст на овој сектор од 30% што меѓу другото треба да придонесе и за економски раст од најмалку 4% секоја година.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста